НАД 400 МОНЕТИ ОТКРИЕНИ ВО БИТОЛСКО ГРАДИШТЕ КАЈ ЦРНОБУКИ, МЕЃУ НИВ И ОД ВРЕМЕТО НА ФИЛИП ВТОРИ, ТАТКО МУ НА АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ

    НАД 400 МОНЕТИ ОТКРИЕНИ ВО БИТОЛСКО ГРАДИШТЕ КАЈ ЦРНОБУКИ, МЕЃУ НИВ И ОД ВРЕМЕТО НА ФИЛИП ВТОРИ, ТАТКО МУ НА АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИСо истражувањата во Градиште продолжува мешовитиот македонско-американски тим од Завод и музеј - Битола и Универзитетот „Кал Поли Хамболд“ од Арката, Калифорнија, САД. (Фото: СДК.МК)

    Над 400 монети досега се пронајдени во петгодишните систематски ископувања во археолошкиот локалитет Градиште кај селото Црнобуки, Битолско. Збирката е збогатена и со монетите од годинешните истражувања кои продолжија во локалитетот, за да се доистражи дрвниот македонски град. Координаторот на проектот, Енгин Насух, археолог советник-кустос во Завод и музеј Битола, вели дека меѓу движните наоди има и моненти ковани во времето на македонскиот крал Филип Втори Македонски, татко му на Александар Велики.

    „На монетите од Филип Македонски е прикажан ликот на Зевс, а пронајдени се монети од Октавијан Август, понатаму од градовите Тесалоника, Пела, Амфиполис, Дирахион. Монетите од годинава ги чистиме да видиме што друго ново ќе излезе, но веќе имаме импозантна бројка над 400 откриени во овие години. Монетите доста добро ни ја раскажуваат хронолошката приказна за градот кој постоел во Црнобуки“, вели Насух.

    Меѓу монетите откриени во изминатите години имаше и сребрена со ликот на Александар Трети Mакедонски, односно Александар Велики, и уште многу сребрени од републиканскиот римски период (од 104 до 41 година пред нашата ера). Збирката со римски монети веројатно е најголемото досега откриено депо на сребрени монети од тој период во Македонија.

    Монетите од годинава ги чистиме да видиме што друго ново ќе излезе, но веќе имаме импозантна бројка над 400 откриени во овие години. Монетите доста добро ни ја раскажуваат хронолошката приказна за градот кој постоел во Црнобуки, вели Насух.

    Постојат мислења дека во Црнобуки во минатото бил градот Персеида, оформен од Филип Петти како одбрана од продорот на Римјаните, или пак дека е градот Линк, главен град на петото македонско кралство, во кој е родена мајката на Филип Втори, односно бабата на Александар Велики. Но, археологот Насух смета дека е неблагодарно да се каже за кој град се работи, додека научно точно не биде доутврдено.

    „Сепак, со сигурност можеме да кажеме дека се работи за град од македонско-хеленистичкиот период, кој опстојувал сѐ до крајот на старата ера. Опстојувал подолго и од она што мислевме, имаме веќе наоди и од бронзено време. Сѐ уште не е утврдено за кој град се работи има неколку теории за тоа, но сепак би биле малку попретпазливи додека не добиеме повеќе информации“, вели Насух.

    Со истражувањата во Градиште продолжува мешовитиот македонско-американски тим од Завод и музеј – Битола и Универзитетот „Кал Поли Хамболд“ од Арката, Калифорнија, САД. Македонскиот тим го сочинуваат Енгин Насух, раководител, Слободан Стојкоски, заменик-раководител, Моника Нолева, Славе Стојанов, Стефан Малбашиќ како соработници. Од американскиот тим кораководител е Ник Ангелоф, а вклучени се и Џесика Морис и уште 25 студенти и волонтери од САД.

    Движните и недвижните наоди потврдија дека се работи за населено место стопански доста развиено.

    „Годинава се работеше на околу 75 квадратни метри, целосно истражани. Се работи за еден дел од градот со работилници, продавници со стопанска намена, стопански развиен. Пронајдовме доста монети од македонски и раноримски период, доста керамика, метални предмети. Во моментов се работи на анализа на материјалот и секоја година се составува мозаикот за градот, секоја година добиваме нова информација“, додава Насух.

    За откритијата од Градиште кај Црнобуки во 2025 година пишуваа повеќе влијателни светски медиуми и бројни специјализирани археолошки изданија. Причината за големиот интерес се должеше на препоставките дека е можно е да станува збор за главниот град на државата Линкестида, поврзан со семејството на Александар Велики.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира