Со брза интервенџција на локалното население, противопожарната единица, но и на „ер тракторите“ што ги ангажираше Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), за два часа се локализираше пожарот што околу пладне избувна на штипската тврдина Исар.
Пожарот почна на источната страна на Исарот, веднаш до првите куќи, кои беа најмногу загрозени. Пожарот зафати трева, грмушки и дрвја, па носен од ветерот почна да се шири кон врвот на Исарот. Но, благодарение на брзата интервенција на ер тракторите, пожарот се изгасна и сега е под контрола.
Засега не се знаат причините за пожарот, кој, според првичните информации, не предизвикал штета на електронските уреди на врвот на тврдината, каде има повеќе антенски системи, но и археолошки наоѓалишта.
Од Противпожарната единица во Штип велат дека е симптоматично што вчера и денеска речиси во исто време се појавија уште девет слични пожари во општините Штип и Карбинци, од кои најголеми се оние кои избувнаа на житни површини и на неколку хектари панели со фотоволтаици во близина на селата Караорман, Чардаклија и Долни Балван. Мештаните со своја механизација ораа површини за да се спречи огнената стихија да се приближи до нивните села.
Т. ЈОВАНОВСКИ



