138 ГОДИНИ ИСТРАЖУВАЧКА ДЕЈНОСТ СОБРАНИ ВО НОВИОТ МУЗЕЈ НА „НЕШЕНАЛ ЏИОГРАФИК“ ОД 300 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

    138 ГОДИНИ ИСТРАЖУВАЧКА ДЕЈНОСТ СОБРАНИ ВО НОВИОТ МУЗЕЈ НА „НЕШЕНАЛ ЏИОГРАФИК“ ОД 300 МИЛИОНИ ДОЛАРИМузејот ја раскажува приказната за истражувачите од основањето на Друштвото „Нешенал џиографик“ во 1888 , па сè до оние што и денес работат на терен. (Фото: „Нешенал џиографик“)

    „Нешенал џиографик“ на 26 јуни го отвори новиот Музеј на истражувањето (National Geographic Museum of Exploration), вреден 300 милиони долари и со површина од околу 9.300 квадратни метри, на местото на поранешниот музеј на „Нешенал џиографик“,  кој беше затворен во 2023.

    Во новиот музеј во Вашингтон, посетителите можете да се сретнат „очи в очи“ со дивиот свет преку 1.000 портрети на животни, да ги следат стапките на експедиција на Монт Еверест и да уживаат во проекции од китови како лебдат по ѕидовите, сето тоа на само неколку блока од Белата куќа.

    Друштвото „Нешенал џиографик“ е познато преку неговото списание со препознатливата жолта рамка, кое непрекинато се објавува од 1888. Истата година Друштвото беше основано како непрофитна организација и оттогаш поддржало илјадници „истражувачи“ – научници, едукатори, заштитници на природата и раскажувачи на приказни,  со цел „да го осветлат и заштитат чудото на нашиот свет“.

    „Овој музеј ја раскажува приказната за извонредните луѓе кои истражувале, од нашето основање во 1888 , па сè до оние што и денес работат на терен“, изјави директорката Емили Данам.

    Секоја вечер завршува во дворот, каде што фасадата на влезот на зградата се претвора во огромно платно. (Фото: „Нешенал џиографик“)

    Фотографијата е препознатлив белег на „Нешенал џиографик“ повеќе од еден век, а првиот кат е посветен токму на тоа наследство. Посетителите можат да прелистуваат огромен дигитален ѕид со сите насловни страници на списанието некогаш отпечатени, да го проследат целиот процес на создавање една репортажа,  од теренската задача до објавувањето – или и самите да се испробаат во фотографирање во дигитална темна комора.

    Изложбата „Во фокус“ ги претставува најпознатите фотографии објавени во списанието,  од првите фотографии на диви животни снимени ноќе, до емотивното збогување на чуварот со Судан, последниот машки примерок од северниот бел носорог кој угина во 2018.

    За децата е подготвен посебен дел: полица со книги што се отвора како таен премин кон зоните за учење, меѓу кои е и „Геоверс“ (Geoverse), сала со панорамска проекција од 270 степени што ги пренесува посетителите во магливите шуми на Перу и пустините на Австралија.

    Кога музејот ќе ги затвори вратите за посетители, следува уште едно изненадување.

    „Секоја вечер завршува во дворот, каде што фасадата на влезот на зградата се претвора во огромно платно. Проекции од риби ‘пливаат’ по поплочените патеки, зградата изгледа како да се исполнува со вода, виртуелни пингвини се движат низ неа, а млад грбав кит плива покрај својата мајка“, вели Данам.

    Целта на музејот е да ги поттикне посетителите да преминат од восхит кон конкретна акција.

    „Луѓето не треба да доаѓаат тука само за да гледаат што правиме ние. Треба да почувствуваат дека и самите можат да бидат истражувачи – во сопствениот двор, во своите паркови. Кога истражувате, откривате, почнувате да ги цените видовите што живеат покрај вас,  а тогаш се раѓа и желбата да ги заштитите“, вели истражувачот и биолог што ги проучува пингвините, Пабло Попи Гарсија Борбороглу.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира