Доналд Трамп се врати на темата Гренланд пред самитот на НАТО во Анкара, велејќи дека полуавтономната данска територија би требала да биде под контрола на САД. Тој исто така кажа дека ќе ги укине американските санкции за Турција, воведени во 2020 поради тоа што таа купи руски противвоздушни ракети.
„Гренланд треба да биде контролиран од САД, не од Данска. Прашањето на Гренланд ги наруши американските односи со НАТО. Гренланд не ѝ помага на Данска, која, пак, не троши пари за да му помогне на Гренланд. Тој е важен дел од САД, а е окружен од кинески и руски бродови“, кажа Трамп.
Државниот секретар Марко Рубио изјави во јуни дека разговорите со Данска и Гренланд продолжуваат на месечна основа.
Покрај тоа што најави укинување на санкциите за Турција, Трамп изрази подготвеност да ѝ продаде борбени авиони „Ф-35“. Иако САД ги подобрија односите со Турција под водство на Трамп, купувањето на рускиот систем „С-400“ во 2019 остана болна точка. Вашингтон потоа воведе санкции и ја отстрани Турција од програмата „Ф-35“.
„Ќе ги укинеме санкциите. Веќе работиме на тоа“, кажа Трамп.
Тој исто така е оптимист во врска со можната продажба на борбени авиони „Ф-35“ на Турција, иако не кажа како точно би се случила таквата трансакција со оглед на законските пречки.
„Турција беше многу полојална од другите земји за кои сметаме дека би биле лојални. Тоа е одличен авион, моментално најдобар. И тоа е нешто што ќе го разгледаме“, рече Трамп.
Конгресот донесе закон со кој се забранува продажба на „Ф-35“ на Турција сè додека го поседува рускиот систем „С-400“, сметајќи дека претставува безбедносен ризик за борбените авиони произведени во САД.



