Доналд Трамп кажа дека италијанската премиерка Џорџа Мелони е добра личност, но ја критикуваше што не помогнала во конфликтот со Иран, што е продолжение на дипломатскиот спор помеѓу двете земји.
Мелони се сметаше за близок сојузник на Трамп, но односот се наруши минатиот месец, кога тој за италијанскиот ТВ-канал „Ла7“ изјави дека таа го молела да се фотографираат на самитот на Г7 во Франција. Таа го негираше ова и го обвини дека ја измислил приказната.
„Мојот однос со Мелони стана малку лош затоа што таа одби да ни помогне со Иран. Но, ми се допаѓа. Мислам дека е фина личност, всушност. Но, мислам дека направи грешка“, рече Трамп во Турција, каде што дојде за самитот на НАТО.
Во март, Италија не дозволи американски воени авиони да слетаат во воздухопловната база Сигонела на Сицилија пред да се упатат кон Блискиот Исток, бидејќи Вашингтон не побарал одобрение од владата во Рим.
Трамп рече дека генерално е многу разочаран од НАТО и повторно ја нападна алијансата поради тоа што не ја призна американската дарежливост.
„Зошто трошиме стотици милијарди долари, а тие не се тука за нас? Отсекогаш сме биле тука за нив“, кажа тој.



