Сумата на обесштетувањата исплатени во Велика Британија на луѓе повредени од електрични тротинети и електрични велосипеди надминала 110 милиони фунти, објави „Би-Би-Си“.
Поминаа седум години откако било поднесено првото барање, при што најголемата индивидуална исплата изнесувала 20 милиони фунти. Организацијата која решава вакви барања за отштета, Биро за осигурители на моторни возила, сака продажбата на вакви возила да биде подобро регулирана, а во некои случаи и забранета.
Возилата за микромобилност, како што се електрични тротинети и електрични велосипеди, станаа вообичаена глетка на улиците во Велика Британија, но и значителна опасност. Полицијата запленува и уништува стотици е-тротинети секоја година, заедно со стотици електрични велосипеди, кои се прилагодени да возат побрзо од максимално дозволената брзина од 25 км/час.
Во 2025 имало 168 барања за отштета по несреќи во кои биле вклучени двата вида возила, што е највисока сума досега. Во најлошиот случај, едно дете претрпело тешки повреди што му го промениле животот и му биле исплатени 20 милиони фунти.
Вкупната исплатена отштета се зголемила од 51 милион фунти на 110 милиони фунти во последните 12 месеци.
Во еден од најшокантните случаи, 19-годишник доби шест години и девет месеци затвор откако уби 86-годишна жена кога ја удрил со електричен мотоцикл во јули 2025 во Сандерленд.



