ЗА 6 МЕСЕЦИ ИМА ДВА МИЛИОНА ПАТНИЦИ НА АЕРОДРОМИТЕ ВО СКОПЈЕ И ОХРИД, ШТО Е РАСТ ОД 28 ОТСТО

    ЗА 6 МЕСЕЦИ ИМА ДВА МИЛИОНА ПАТНИЦИ НА АЕРОДРОМИТЕ ВО СКОПЈЕ И ОХРИД, ШТО Е РАСТ ОД 28 ОТСТОНајфрекфентна дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје е Истанбул со 14,2% пазарен удел, а потоа следат Минхен Меминген (4,5%), Базел Милуз (4,4%), Дортмунд (4,1%), Цирих (4%) и Франкфурт (3,9%). (Фото:ТАВ Македонија)

    Во првите шест месеци од оваа година, двата македонски аеродрома опслужија 1.955.648 патници, што е зголемување од 28% во однос на истиот период минатата година, соопшти денеска ТАВ Македонија.

    Во истиот период беа реализирани 13.167 летови од двата аеродроми, односно 7,6% повеќе споредено со првите шест месеци од 2025 година.

    Само во јуни, скопскиот и охридскиот аеродром заедно имале за 15,6% повеќе патници (374.714) во однос на истиот период лани.

    „Растот од 28% на бројот на патници во првите шест месеци од 2026 година претставува извонреден резултат и јасна потврда дека македонските аеродроми се наоѓаат на патека на силен и одржлив развој. Во воздухопловната индустрија, двоцифрен раст на патничкиот сообраќај е показател за успешна стратегија, зголемена доверба од патниците и атрактивност како дестинации за авиокомпаниите“, сметаат од компанијата.

    „Остануваме фокусирани на создавање нови можности за раст, проширување на мрежата на дестинации и обезбедување квалитетно патничко искуство, со цел македонските аеродроми да продолжат да ги надминуваат очекувањата и во наредниот период“ вели генералниот директор на ТАВ Македонија Неџат Курт.

    Полугодишните статистички податоци на ТАВ Македонија покажуваат дека во првите шест месеци најфрекфентна дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје е Истанбул (двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 14,2% пазарен удел), а потоа следат Минхен Меминген (4,5%), Базел Милуз (4,4%), Дортмунд (4,1%), Цирих (4%) и Франкфурт (3,9%).

    Топ-пет земји до кои има најмногу директни летови од Скопје се Германија (28,5% пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (18%), Швајцарија (9,3%), Италија (8,2%) и Шведска (5,8%).

    Ако се разгледуваат бројките за Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле одделно, скопскиот аеродром има годишен висок пораст за 28,6% и во првите шест месеци годинава преку него се превезени вкупно 1.833.010 патници. Во истиот период, на овој аеродром биле реализирани 12.260 летови што е за 6,5% повеќе споредено со истиот период лани.

    Охридскиот аеродром, пак, бележи пораст од 18,2% со превезени 122.638 патници од јануари до јуни. Во овој период, биле реализирани 907 летови што е зголемување за 26%.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира