Сенатот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје скоро два месеца не му одговара на Министерството за здравство за предлогот да се воведе тригодишна студиска програма за медицинска служба за итна помош и тријажа. Ова медицинско звање, познато и како парамедик, опфаќа медицински лица обучени да дадат итна помош или тријажа во случај на несреќа.
Министерот за здравство во заминување Азир Алиу на денешниот брифинг со новинарите рече дека предлогот од Министерството е испратен до УКИМ уште пред два месеца. На 13 јули во Собранието ќе се гласа новиот состав на Владата, а предлог за нов министер е Сашо Клековски, актуелен директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ).
„Чекаме одговор од Сенатот од УКИМ за да помине како нова студиска програма. Тие се тригодишни студиски програми коишто ќе овозможат нашите екипи да бидат пооптимални, подобро организирани, но од друга страна, да имаме предвидливост за брза помош, бидејќи навистина, освен инфраструктурата, еден од главните проблеми е и човечкиот фактор. Значи, не може да се креираат тие тимови, бидејќи нели, докторите од време на време привремено се таму, па после се префрлуваат на специјализации, субспецијализации и одат надвор од таа институција и цело време кубуриме со кадар таму“, кажа Алиу.
Министерот додаде дека станува збор за програма со тригодишно студирање на Медицинскиот факултет. По одлуката на Сенатот, понатаму предлогот се испраќа во Министерството за образование и наука (МОН).
За Предлог-законот за заштита од пушење, рече дека е на второ читање во Собранието и оти се надева дека за две-три недели ќе биде донесен.
За извештајот на неоправданите кардиохируршки и кардиолошки интервенции во јавните и приватните здравствени установи по кое било ниво, кои ги утврди меѓународната независна комисија откако лани кардиологот д-р Сашко Кадев обвини за непотребни операции во приватното здравство, Алиу рече поминал на затворена седница на Владата пред околу три недели.
„Тука завршува процедурата на Министерството за здравство. Брифирани се сите министри, знаат за што се работи. Понатаму, исто така информирани се и доставени се материјалите до понатамошните институции коишто треба да се бават, а тука знаете, освен клиничките моменти, се и финансиските и здравствените моменти“, кажа Алиу.
Б. НЕСТОРОСКА



