ГАШИ ЌЕ ГИ ЗАЈАКНУВА ВЛЕЗНИТЕ ВРАТИ НА СОБРАНИЕТО ЗА ЗАШТИТА ОД ТОЛПА, КУРШУМИ И ОД ПРОЕКТИЛИ

    ГАШИ ЌЕ ГИ ЗАЈАКНУВА ВЛЕЗНИТЕ ВРАТИ НА СОБРАНИЕТО ЗА ЗАШТИТА ОД ТОЛПА, КУРШУМИ И ОД ПРОЕКТИЛИЕкспратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски од ВМРО-ДПМНЕ на 27 април 2016 ги тргнаа челичните препреки од влезните врати и толпата влезе насилно за да го испокрши Собранието одвнатре и да ги нападне пратениците и новинарите. (Фото: СДК.МК)

    Собранието вчера објави јавен оглас со потпис на претседателот Африм Гаши, со кој се бара проектант за зајакнување на 6-те масивни влезни врати на Собранието, односно за набавка на нови, за заштита од толпа и од куршуми. Проектот се однесува и за изработка на нова огромна гаражна врата под Собранието.

    Според Проектната програма за изработка на безбедносните врати на Собранието со потпис на Гаши, а која што е закачена во тендерската документација, „Класата врати која е потребна, се однесува на отпорност од куршуми, заштита од проектили од огнено оружје, како и обид за физички напад од толпа“.
    Во Програмата се наведува дека тоа ја потврдува потребата за користење „повеќеслојни материјали како ламилирано стакло и поликарбонатни својства на материјалите, вклучително и користење на специјализирани механизми за рамки и заклучување“.

    Натаму се бара новите двослојни врати да бидат тестирани на притисок од толпа и на проектили од огнени оружја.

    „Тоа значи дека нивото на заштита се одредува според признати ЕУ-стандарди кои ги симулираат двата вида на напади , како би се обезбедила безбедноста на објектот. Станува збор за 6 двојни врати со димензија 166/293/193 см и една гаражна врата со димензија 355/485 см, која треба да добие поинаков третман на функционално решение од останатите влезни врати“. Натаму се наведуваат потребните својства на материјалите.

    Во огласот стои дека е неопходно влезните двојни врати да ги задоволат и естетските стандарди на објектот, со поставување на безбедносната конструкција во дрвена сендвич-облога од надворешна и од внатрешна страна, која ќе се изработи според снимка на постојниот дизајн и шема на шарата.

    „Проектот за градежни конструкции е потребен да обезбеди армирано-бетонски зајакнувања околу рамките на вратите. Проектот на електротехника, треба да обезбеди инсталација за поставување на неопходна автоматика, контрола и режим на користење на вратите“, а не кој било да ги отвора и затвора.
    Предмет на договорот за јавна набавка се: „Услуги за основен проект со ревизија за зајакнување на надворешните пристапни врати“. Проценета вредност на изработката на проектот без ДДВ е 300.000 денари односно околу 5.000 евра за најдобриот проект.

    Сегашните врати се автентични и со музејска вредност, односно тие се огромни и од масивно дрво и датираат од изградбата на Собранието во 1938 година. Но, тие беа видно оштетени на 27 април 2017 година при организираниот напад на Собранието од страна на разулавена толпа која притискаше најмногу на предните влезни врати кои ја красат собраниската зграда.

    Експратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски од ВМРО-ДПМНЕ ги тргнаа челичните препреки од влезните врати и толпата влезе насилно за да го испокрши Собранието одвнатре и да ги нападне пратениците и новинарите.

    Зградата на Собранието на Република Северна Македонија е една од најмонументалните градби во земјава, за која во 1930 бил распишан и конкурс за проектирање на кој победил архитект Виктор Лукомски, а изградена е во 1938 година по проект на чешкиот архитект Виктор Ј. Худак.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира