Младенците Мартина Михајлова и Александар Пендароски се венчаа во храмот „Св. Петар и Павле“ во рамки на годинашната Галичка свадба, продолжувајќи ја вековната традиција на мијачкиот крај. Заедно со своите семејства, пријатели и неколку стотици статисти облечени во автентични носии, тие се заколнаа на вечна љубов во рамките на традиционалната манифестација која се одржуваше викендов.
Младоженецот има галичко потекло, а неговите родители беа првите зет и невеста на првата обновена манифестација во 1991 година.
Свадбените свечености започнаа на 10 јули со традиционалното поставување на бајракот и симболичното фрлање три пушки од куќата на зетот. Настанот и годинава се одржа под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која присуствуваше на обичаите и на младенците им подари галичка пафта со мотиви од традиционалната носија, како симбол на плодноста и македонското свадбено богатство. По венчавањето, таа им се придружи на присутните во традиционалното оро, посакувајќи им на младенците заеднички живот исполнет со љубов, доверба и меѓусебна почит.
Галичката свадба од година во година привлекува сѐ повеќе посетители од земјата и странство, потврдувајќи го својот статус како еден од најавтентичните изрази на македонското културно наследство и идентитет.



