Панче Аџиов (23) е прогласен за виновен, а петчлениот Кривичен совет од Основниот суд во Велес му одредни казна од пет години затвор за тешката сообраќајна несреќа во близина на селото Чичево во август 2025, кога загина едно лице, а три беа повредени. Тој доби и забрана за управување на возило од Б-категорија во траење од една година. Продолжени се и мерките на претпазливост да не го напушта живеалиштето (Градско), повремено да се пријавува во полиција и да нема контакти со родителите на загинатиот.
Аџиов е осуден за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Тој ја призна вината. Пресудата не е правосилна.
„Изразувам каење и длабоко сочувство кон родителите на починатиот и барам прошка од моите другари. Жалам од срцето и душата за стореното. Ја преземам одговорноста за делото, ќе ја носам цел живот“, кажа низ солзи Аџиов во завршниот збор.
Сообраќајката се случи на 28 август 2025, 10 минути по полноќ кај Чичево, кога четворицата другари се враќале од славата на манастирот „Свети Архангел Михаил“. Според обвинителството, пиењето алкохол на обвинетиот таа вечер и големата брзина на возење несоодветна за тој дел од патот, биле причини за сообраќајката.
Притоа почина Љупче Ончев (21), а тешки повреди, тогаш животно загрозувачки, здобија Христијан Лазовски (23) и Бојан Петровски (21). Тие не побараа отштета за предизвиканите повреди. Тешки повреди имаше и обвинетиот возач Панче Аџиев.
П. ПЕЧКОВ



