ОБВИНЕТИОТ НИЗ СОЛЗИ ЈА ПРИЗНА ВИНАТА ЗА СООБРАЌАЈКАТА КАЈ ЧИЧЕВО, ВО КОЈА ЗАГИНА НЕГОВ ДРУГАР, А ДВАЈЦА БЕА ТЕШКО ПОВРЕДЕНИ

    ОБВИНЕТИОТ НИЗ СОЛЗИ ЈА ПРИЗНА ВИНАТА ЗА СООБРАЌАЈКАТА КАЈ ЧИЧЕВО, ВО КОЈА ЗАГИНА НЕГОВ ДРУГАР, А ДВАЈЦА БЕА ТЕШКО ПОВРЕДЕНИКонсумирањето алкохол на обвинетиот кобната вечер и големата брзина на возилото се причините за несреќата, кажаа на судењето во Велес (Фото: СДК.МК)

    Многу емоции, солзи, болка и тага имаше во судницата на судењето за сообраќајката во која згасна еден млад живот, две момчиња минаа со тешки повреди од кои уште не се заздравени, а возачот се здоби со тешки скршеници. Сите четири момчиња биле другари од деца, се до кобната вечер на 28 август лани.

    „Изразувам длабоко сочувство кон родителите на починатиот Љупчо, барам прошка од моите другари, жалам од срце и душа за стореното. Ја преземам одговорноста за делото, ќе ја носам цел живот“, рече низ солзи Панче Аџиов (23), обвинет за сообраќајката.

    Тој поголем дел од судскиот процес плачеше, плачеа и родителите на починатиот Љупче Ончев (21). Несреќата се случи на 28 август, десет минути после полноќ, во близина на селото Чичево, откако четворицата другари се враќале од славата на манастирот „Св. Архангел Михаил“.

    „Консумирањето алкохол на обвинетиот кобната вечер и големата брзина на возилото, несоодветна за тој дел од патот, се причини за еден изгубен млад живот и за двајца тешко повредени, кои последиците ќе ги чувствуваат цел живот, и физички и психички“, кажа обвинителката Гордана Тодорова.

    Таа потсети дека обвинетиот имал забрана за возење поради управување под дејство на алкохол, мерка што требала да се активира после кобната сообраќајка. Аџиов е обвинет за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

    „Да потсетам дека и тој е жртва на сообраќајката, имал тешки повреди со последици по неговите живот и здравје. Панче изрази искрено жалење и каење за стореното дело, тоа не е само формален чин“, кажа неговиот адвокат Марјан Андреев.

    Со тешки телесни повреди минаа Христијан Лазовски (23) и Бојан Петровски (21). Тие не побараа отштета за предизвиканите повреди од сообраќајката.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира