Пилот на лесен авион за време на двочасов пробен лет напишал „Досадно ми е“ („I’m bored“), при што неговата палаво испланирана рута станала видлива на апликација за онлајн следење на летови. Авионот на компанијата „Рејвенер“ полетал од Ливерпул во 11:30 часот по локално време на 11 јули, а потоа летал над полуостровот Вирал, Чешир и Северен Велс, според „Флајтрадар 24“.
Од авиокомпанијата соопштија дека инструктор по летање, на возраст од дваесетина години, го возел авионот „пајпер томахавк“ на пробен лет за тестирање откако бил заменет еден дел на леталото. Авионот повторно слетал во Мерсисајд во 13:30 часот по локално време.
„Мислам дека на пилотот навистина малку му беше здодевно, бидејќи се работеше само за тест-лет. Но, мора да се признае дека летањето беше прилично вешто“, рече оперативниот менаџер Вејн Барет и додаде:
„Мислам дека стануваше збор за цилиндар што требаше да се замени. Кога ќе се случи вакво нешто, го пуштаме авионот на тест-лет за да се увериме дека сè функционира како што треба, а така и беше. Малку му беше здодевно, но на крајот веројатно мораше многу да се концентрира за да ги ‘испише’ зборовите со рутата на летот, па веројатно беше сè освен здодевно. Не е во никаква неволја, но овој случај привлече големо внимание. Авионот сега е безбедно вратен во хангарот, а пилотот го користи својот слободен ден.“



