Кумановското Основно јавно обвинителство поведе постапка против една 18-годишна девојка од селото Лојане, Општина Липково, а за две малолетнички на возраст од 15 и 14 години од Куманово е поднесено барање за поведување подготвителна постапка до судијата за деца при кумановскиот Основен суд, бидејќи заедно учествувале во извршувањ на кривичното дело Насилство согласно член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„На 13 март годинава, тие повикале девојче кое тогаш имало 13 години да излезе од дома со нив и ја убедиле да влезе во запуштена просторија во близина на спортскиот центар ‘Соколана’. Таму тие детето-жртва грубо го навредувале и физички го нападнале, удирајќи го по лицето и телото. Ѝ ја тегнеле и кубеле косата. Насилството го снимале со телефон, а на нападнатото девојче му се заканиле по живот ако каже некому за настанот“, соопшти Обвинителството.
Јавното обвинителство ги обезбедило доказите веднаш по објавата на социјалните мрежи на видеото на кое се гледа брутално тепање на беспомошното девојче, а за полнолетната осомничена доставило и предлог за определување мерки на претпазливост до надлежниот суд – задолжително јавување во судот, привремено одземање на патната исправа и забрана за приближување и воспоставување контакти со жртвата.
Ова е почеток на истрагата и Обвинителството засега не соопштува дали ќе бидат поднесени кривични пријави и против родителите насилничките на 14 и 15 години.



