Битолскиот Завод и Музеj во Преспа и Битола организираше дводневна стручна работилница за конзервација на културното наследство, на која учествуваа конзерватори, реставратори, архитекти, археолози и други експерти од Македонија, Грција и Албанија. Непосредната размена на знаење и искуства се случи на самите локалитети каде што се реализираат конзерваторски интервенции.
Во текот на дводневната програма, учесниците ги посетија Јени џамија и археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис во Битола, каде беа презентирани конзерваторските активности на архитектурата, ѕидното сликарство и археолошкиот материјал, како и применетите техники и предизвиците со кои се соочуваат стручните тимови.
Вториот ден беше посветен на културното наследство во Преспанскиот Регион. Во црквата „Света Петка“ во Брајчино беа презентирани резултатите од конзервацијата на ѕидното сликарство реализирана во рамки на проектот „Акт фор Преспа“. Работилницата продолжи во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, каде експертите ги претставија интервенциите на архитектурата и фрескоживописот, а заврши со посета на Сарајот во Ресен, каде беа презентирани активностите за конзервација на покривната конструкција, кои воедно се дел од истиот проект.
Наместо класични предавања во конференциска сала, работилницата беше организирана како професионална теренска платформа. Ваквиот пристап претставува значаен чекор кон создавање трајна мрежа на соработка меѓу институциите и стручните лица од трите земји. Следните две стручни работилници ќе ги организираат партнерските институции од Грција и Албанија.
Активностите се дел од проектот „Акт фор Преспа“ (ACT4PRESPA), финансиран од Европската Унија (ЕУ), кој се спроведува во рамките на Програмата за одржлив развој на регионот на Преспанското Езеро. Тој претставува пример за тоа како европската поддршка и прекуграничната соработка создаваат трајни професионални партнерства и придонесуваат за зачувување на заедничкото културно наследство за идните генерации.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



