Само што Државниот обвинител Ненад Савески денеска изјави дека ако Ленче Ристоска не поднесела оставка од обвинителската функција ќе продолжела да го води предметот „Талир 2“ за спорната донација од „Бетон“ на ВМРО-ДПМНЕ, таа итно реагираше дека тој лаже.
На 31 март пред завршните зборови на Ристоска ѝ беше одземен предметот „Талис 2“ за незаконската градба на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ „Бела палата“ и беше даден да го води друг обвинител. Ристоска на 2 април поднесе оставка на јавнообвинителската функција, која на 8 април беше потврдена од Советот на јавни обвинители.
Не е точно тврдењето на државниот обвинител Савески дека предметот „Талир 2“ ќе беше во мое надлежно постапување ако не поднесев оставка, одговори Ристоска.
„Како обвинител за врски, согласно член 5 од Правилникот за предлагање и упатување на јавен обвинител за врски на Република Северна Македонија во Европравда, по правило можев да постапувам по предмети регистрирани и во надлежност на Канцеларијата за врски, а по исклучок, врз основа на одлука на државниот јавен обвинител, и по предмети по кои претходно сум постапувала. Предметот ‘Талир 2’ не е предмет во надлежност на Канцеларијата за врски, а јас во него постапував токму по тој исклучок, врз основа на одлука на Државниот јавен обвинител. Со повлекувањето на тоа овластување, отпадна и правниот основ по кој постапував во овој предмет. Оваа информација му беше соопштена на обвинителот Савески лично од мене, на состанок пред да ја поднесам оставката. Лично го известив и дека ако ги повлече овластувањата по предметите по кои постапувам, ќе следи мојата оставка, а ги објаснив и причините за таквата одлука“, го демантираше Савески таа.
Додава дека е неспорно оти нејзината оставка е нејзина одлука, но пак кажува дека тоа беше последица на одземањето на основот за да ги работи предметите.
На новинарски прашања по денешната седница на Советот на јавни обвинители, Савески одговори дека Јавното обвинителство ќе донесе одлука дали ќе ја обжали ослободителната пресуда во предметот „Талир 2“ откако ќе ја добие и анализира писмено изработената пресуда и нејзиното образложение.
На забелешката дека обвинителството вообичаено најавува жалба по ослободителни пресуди и дека дел од аргументите можеле да бидат слушнати и за време на усното образложение во судницата, Савески истакна дека лично не бил присутен на изрекувањето на пресудата.
За критиките од политички партии дека повлекувањето на овластувањата на обвинителката Ленче Ристоска влијаело врз исходот на предметот „Талир 2“, рече дека таквите тврдења не одговараат на фактите.
„Токму овој предмет, ако таа не поднесеше оставка, ќе беше во нејзино надлежно постапување. Во овој предмет моето повлекување на овластувањата никако не можеше да се смета дека имало последица да ѝ биде одземен предметот. Ако останеше, таа ќе работеше на овој предмет“, тврди Савески.
Рече дека јавноста треба да ја слушне и, „оваа страна од вистината“, нагласувајќи дека одлуката на обвинителката Ристоска да поднесе оставка била нејзина лична одлука.
С. К. ДЕЛЕВСКА



