ГРУЕВСКИ Е НАМЕРНО ОСЛОБОДЕН ПРЕД ДА ЗАСТАРИ „ТАЛИР 2“ ЗА ДА НЕ МОЖЕ ДА СЕ БАРА КОНФИСКАЦИЈА НА НЕЗАКОНСКИОТ ИМОТ НА ВМРО-ДПМНЕ, КАЖА ЛЕНЧЕ РИСТОВСКА ЗА ОСЛОБОДИТЕЛНАТА ПРЕСУДА НА СУДИЈКАТА ДАНИЕЛА АЛЕКСОВСКА-СТОЈАНОВСКА

    ГРУЕВСКИ Е НАМЕРНО ОСЛОБОДЕН ПРЕД ДА ЗАСТАРИ „ТАЛИР 2“ ЗА ДА НЕ МОЖЕ ДА СЕ БАРА КОНФИСКАЦИЈА НА НЕЗАКОНСКИОТ ИМОТ НА ВМРО-ДПМНЕ, КАЖА ЛЕНЧЕ РИСТОВСКА ЗА ОСЛОБОДИТЕЛНАТА ПРЕСУДА НА СУДИЈКАТА ДАНИЕЛА АЛЕКСОВСКА-СТОЈАНОВСКАВо насока на конзистентност на постапувањето и разјаснување на сите дилеми, очекувам да следи жалба од Обвинителството, реагираше денеска Ристоска. (Фото: СДК.МК)

    Ослободителна пресуда за Никола Груевски во предметот „Талир 2“ е донесена само за да се оневозможи постапка за конфискација на нелегално стекнатиот имот на ВМРО-ДПМНЕ, вели обвинителката Ленче Ристоска, на која на 31 март пред завршните зборови ѝ беше одземен овој предмет за незаконската градба на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ „Бела палата“ и беше даден да го води друг обвинител. Ристоска на 2 април поднесе оставка на јавнообвинителската функција, која на 8 април беше потврдена од Советот на јавни обвинители.

    Судијката Даниела Алексовска-Стојановска вчера изрече ослободителна пресуда во повтореното судење за „Талир 2”.

    „Конфискацијата на имот е можна кога кривичното гонење ќе застари, но не е можна по правосилна ослободителна пресуда. Затоа ваквиот тек на настаните му ја отежнува можноста на Oбвинителството да бара конфискација во посебна постапка, при првостепена ослободителна пресуда, и клучно е прашањето дали ќе следи жалба од Oбвинителството и дали во фаза на жалбена постапка ќе се бара од Апелациониот суд да се произнесе по однос на конфискацијата, иако кривичното дело ќе биде застарено“, вели Ристоска во денешната реакција на соопштението на Кривичниот суд Скопје, за кое вели дека се прикриени главните факти за ваквата судбина на овој предмет кој ја засега владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

    Од 2019, кога почна овој судски процес, па сè до вчера, без да пропушти и едно рочиште, будно го следи ОБСЕ преку свои претставници. Тие пишуваат извештај за текот и за исходот на овој судски процес.

    За однесувањето на судијката Даниела Алексовска-Стојановска и на обвинителот кому му било дадено да го застапува обвинението за „Талир 2“ откако на неа ѝ беше одземено, Ристоска даде еден пример кој покажува како се развлекувал предметот и бил носен во застарување.

    „На крај, споделувам и еден процесен детал за кој се пишуваше во медиумите: на едно од последните рочишта, застапниците на ВМРО-ДПМНЕ побарале одлагање поради нивно отсуство, иако присуството не им е законски задолжително. На ваквото барање Обвинителството не се спротивставило, а судот по службена должност не реагирал и рочиштето било одложено. Сите овие настани и одлагања придонесоа предметот да влезе во ваков временски интервал и целата постапка да заврши само со првостепена одлука, без да се даде доволна временска рамка на Апелациониот суд мериторно да се произнесе“, кажа денеска Ристоска.

    На неа ѝ беше одземен и „Талир 1“ за перење незаконски стекнати пари од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, предмет кој не застарува во блиска иднина, а кој судовите стопати го враќаа отпочеток и уште го држат на нулта точка.

    „Ваквата контекстуална состојба – пресуда спротивна на првичната кога Груевски беше осуден на 6 години затвор, дел од обвинението кој не е адресиран во јавното соопштение на судот, временскиот интервал во кој се носи одлуката и времето кога истекува рокот на застареност – ме наведуваат на заклучок дека единствена цел на ваквото постапување е отежнување на понатамошната постапка за конфискација на имотот. Затоа и мислам дека осудата на Груевски во овој случај е од секундарен интерес за ВМРО-ДПМНЕ – кривичниот прогон така или онака ќе застареше. Она што е суштинско е дека имотот што го стекна партијата е директна последица на дејствијата на Груевски утврдени во постапката. Сите овие околности и ваквиот тек на работите, за мене како да го потврдува моето уверување дека овој предмет ми беше одземен за да можат заинтересираните страни да стасаат до посакуваниот исход, а тоа е избегнување на конфискацијата. Во насока на конзистентност на постапувањето и разјаснување на сите дилеми, очекувам да следи жалба од Обвинителството“, реагираше денеска Ристоска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира