ОРБАН ПОВИКА НА ОТПОР ПРОТИВ ТИРАНИЈАТА НА МАЃАР ПО УПАДОТ НА ОБВИНИТЕЛИТЕ ВО НЕГОВАТА ПАРТИЈА ФИДЕС

    ОРБАН ПОВИКА НА ОТПОР ПРОТИВ ТИРАНИЈАТА НА МАЃАР ПО УПАДОТ НА ОБВИНИТЕЛИТЕ ВО НЕГОВАТА ПАРТИЈА ФИДЕСОрбан вели дека Унгарија престанала да биде демократска држава (Фото: Фејсбук)

    Поранешниот премиер на Унгарија, Виктор Орбан, кој беше соборен по 16 години власт на изборите во април, ги повика своите поддржувачи да се спротивстават на тиранијата на Петер Маѓар и да ја вратат демократијата во земјата, за која рече дека била смачкана од новата влада.

    Во својата прва силна политичка порака по убедливиот изборен пораз, Орбан издаде „изјава за отпор“ на Фејсбук, кратко откако неговата партија Фидес соопшти дека обвинителите извршиле рација во канцелариите каде што се сместени нејзините интернет сервери.

    Обвинителите изјавија дека акцијата е поврзана со истрага за проневера и други кривични дела во Националниот фонд за култура. Орбан кажа дека обвинителите зеле сервери што содржат база на податоци и е-пошта на членови на партијата, опишувајќи го тоа како политички мотивиран потег за да се направи работењето на Фидес правно невозможно.

    „Истрагата за Националниот фонд за култура беше само изговор за ова. Унгарија престана да биде демократска држава“, кажа Орбан.

    Новата влада претходно усвои уставен амандман со кој беа изнудени оставки од претседателот на државата и од претседателот на уставниот суд. Оставка вчера поднесе и јавниот обвинител Габор Балинт Наѓ.

    „Новиот политички систем создаден на овој начин е нелегитимен. Фидес ќе ги употреби сите мирни алатки против злоупотреба на моќта во парламентот и надвор од парламентот“, рече Орбан.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира