ДЕБИTO НА СРЃАН ЈАНИЌИЈЕВИЌ „НЕМА ДА ВИ СЕ ВЕРУВА ШТО СЕ СЛУЧИ ПРЕТХОДНО“ СО СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛОТ ВО ОЛДЕНБУРГ

    ДЕБИTO НА СРЃАН ЈАНИЌИЈЕВИЌ „НЕМА ДА ВИ СЕ ВЕРУВА ШТО СЕ СЛУЧИ ПРЕТХОДНО“ СО СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛОТ ВО ОЛДЕНБУРГБорба за новинарството, за професијата, за вистината е фокусот на филмот, кој е долгометражно деби на Јаниќијевиќ. (Фото: „Њу момент“)

    Дебитанскиот долгометражен филм на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, „Нема да ви се верува што се случи претходно“ ќе има светска премиера во конкуренцијата за награди на Филмскиот фестивал во Олденбург, Германија, чие 33. издание ќе се одржи од 16-20 септември.

    Овој германски фестивал во американските филмски медиуми е нарекуван и „европски Санденс“ поради поддршката на авторскиот филм наспроти холивудската индустрија.

    Филмот, со работен наслов „Касапско оро“, се снимаше во средината на 2024. Идејата за филмот е на Јанаќијевиќ, сценариото е на Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски, а главен продуцент е Сашо Пешев во продукција на „Ново македонско видео“ односно „Њу момент“.

    „’Нема да ви се верува што се случи претходно’ е политички трилер со елементи на црна комедија, во чиј фокус се борбата за вистината, слободата на новинарството и обидот да се зачуваат личниот и професионалниот интегритет во општество во кое политиката, криминалот и медиумите се длабоко испреплетени. Приказната следи двајца новинари вовлечени во свет на корупција, злоупотреба на моќта, политичка хипокризија и скандали, во кој секој обид да се открие вистината носи нови морални дилеми и лични последици“, велат од продукцијата.

    Сашко Коцев и Никола Ристановски во сцена од филмот. (Фото: „Њу момент“)

    Главните улоги, на новинари, ги играат Никола Ристановски и Дарја Ризова. Играат и Сашко Коцев, Сара Сандева, Оливер Митковски. Костимите се на Лидија Георгиева, а кинематографер е Дејан Димески.

    „Касапско оро“, под првиот работен насло „Осветлен“ беше поддржан со 350.448 евра на конкурсот на Агенцијата за филм во 2019.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира