Од почетокот на јули мерните инструменти на Министерството за животна средина, лоцирани во населбата Тунел во Велес, не ги прикажуваат измерените вредности и велешани немаат информации за квалитетот на воздухот што го дишат. Но, проблемот не се појавил само во јули – и во текот на седум дена во јуни немало достапни податоци за квалитетот на амбиентниот воздух во Велес.
„Автоматската мониторинг-станица за мерење на квалитетот на воздухот во Велес – Велес 2, делумно во месец јуни 2026 година, како и од 1 јули 2026 година наваму, поради дефект на уредот за прибирање на податоците од извршените мерења на инструментите (Data Logger), не е во функција. Поради тоа, иако мерните инструменти работат, нема достапни податоци од мерењата. Во моментов се прават обиди за надминување на проблемот. По завршувањето на сервисирањето и тестирањето на уредот за прибирање на податоци, истиот ќе биде инсталиран во станицата и податоците од мерењата повторно ќе бидат достапни“, соопштија од Министерството за животна средина.
Невообичаено високи пикови на загадување беа регистрирани и во текот на април и мај. Така, на 20 мај во 8 часот била измерена концентрација на ПМ10 честички од 185 микрограми на кубен метар, а на 9 мај во 9 часот 140 микрограми на кубен метар.
Во април слична ситуација била забележана на 16 и 24 април, кога биле измерени концентрации од 185 микрограми на кубен метар ПМ10 честички, во 11, односно во 21 часот. Поради овие високи часовни концентрации, дневните вредности го надминале законски дозволениот лимит од 50 микрограми на кубен метар.
На 9 април во 9 часот биле измерени 140 микрограми на кубен метар, додека во преостанатите часови од денот концентрациите биле значително пониски. Истовремено, мерните инструменти на локалната самоуправа во овие критични денови не регистрирале загадување на воздухот над дозволените гранични вредности.
Мерната станица на Министерството за животна средина е поставена во дворот на градинката во населбата Тунел, покрај регионалниот пат Велес-Чашка и улицата Белградска, на која во овој период се изведуваа градежни работи за реконструкција.
П. ПЕЧКОВ



