ИТАЛИЈА ВЕЌЕ НЕ ГИ ПРИЗНАВА МАКЕДОНСКИ ВОЗАЧКИ ДОЗВОЛИ

    ИТАЛИЈА ВЕЌЕ НЕ ГИ ПРИЗНАВА МАКЕДОНСКИ ВОЗАЧКИ ДОЗВОЛИПроблемот со непризнавањето и неможноста за замена на македонските возачки дозволи во Италија се одразува сериозно врз нашите иселеници, бидејќи некои од нив веќе ги губат своите работни места ако тие им зависат од управување со возило. - Колосеумот во Рим (Фото: СДК.МК)

    Македонски туристи веќе не можат да изнајмат автомобил во Италија со македонска возачка дозвола, иако двете држави имаат договор за меѓусебно признавање и замена на возачките дозволи. Истовремено, македонските државјани со постојан престој во Италија веќе не можат да ја заменат македонската со италијанска возачка и мораат да полагаат одново.

    Македонски туристи кои неделава пристигнале во Италија биле одбиени од рентакар компанијата со образложение дека од пред два-три месеци добиле налог да не изнајмуваат автомобили ако возачката на корисникот не е од ЕУ и дека треба меѓународна возачка дозвола, со оглед на тоа што во нивниот каталог на специмени ја нема македонската возачка дозвола.

    „Кај нè скенираат и нè сликаат по сто пати по границите сега уште и возачките не ни важат, а истите биометриски податоци се“, вели македонски турист во Италија.

    Неофицијално, досега италијанските власти им прогледувале низ прсти на туристите, но сега и тоа е затегнато.

    Официјално, на веб сајтот на МВР стои дека земјата има договор со Италија, но „во моментов во Италијанската Република не е возможна замена на возачки дозволи со Република Северна Македонија, додека возачките со Република Македонија продолжуваат да се заменуваат, се работи на решавање на таа состојба“.

    Македонските граѓани мораа да ги заменат возачките дозволи со „Република Македонија“ до 1 јануари 2025 година.

    Проблемот со непризнавањето и неможноста за замена на македонските возачки дозволи во Италија се одразува сериозно врз нашите иселеници, бидејќи некои од нив веќе ги губат своите работни места ако тие им зависат од управување со возило.

    Дознаваме дека проблемот не е во промената на името на државата, туку во техничката некомпатибилност меѓу двата модела на возачки дозволи, бидејќи од македонска страна биле додадени дополнителни категории, како што се земјоделските машини. Поради ова, италијанските власти инсистирале на склучување целосно нов договор за признавање и замена на возачките дозволи, што наметнало повторување на комплетната административна процедура.

    Новиот процес подразбира повторно усогласување на бројни документи и регулативи меѓу институциите и откако целата процедура ќе биде конечно завршена, официјално ќе бидат известени сите автошколи и рентакар компании.

    Од Министерството за надворешни работи ни одговорија дека во тек се финалните усогласувања на Договорот за признавање на возачките дозволи меѓу двете држави, кои треба да бидат завршени од италијанска страна.

    „Од македонска страна се исполнети сите потребни формалности, а во моментов се очекува конечно одобрување од надлежните институции во Италија, по што ќе следи постапката за потпишување на Договорот. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во координација со надлежните институции, активно работи на завршување на овој процес“, велат од МНР.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира