ПОСЕТИТЕЛИТЕ НА ШАР ПЛАНИНА ЌЕ МОЖЕ ДА СОБЕРАТ ПО КИЛО ШУМСКИ ПЛОДОВИ ПО ЛИЦЕ,  ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ СОБИРАЧИ МОРА ДА ИМААТ ДОГОВОР СО ОТКУПНИ ФИРМИ

    ПОСЕТИТЕЛИТЕ НА ШАР ПЛАНИНА ЌЕ МОЖЕ ДА СОБЕРАТ ПО КИЛО ШУМСКИ ПЛОДОВИ ПО ЛИЦЕ,  ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ СОБИРАЧИ МОРА ДА ИМААТ ДОГОВОР СО ОТКУПНИ ФИРМИПреку овој јавен повик од НП „Шар Планина“ сакаат собирањето шумски плодови да се спроведува на уреден, транспарентен и законски регулиран начин. (Фото: НП „Шар Планина“)

    За првпат, Националниот парк (НП) „Шар Планина“ објави Јавен повик за поднесување барања за склучување договор за вршење на дејност откуп на други шумски производи. Преку овој повик, од „Шар Планина“ велат дека сакаат собирањето шумски плодови да се спроведува на уреден, транспарентен и законски регулиран начин и во согласност со важечката законска регулатива и принципите за заштита и одржливо користење на природните ресурси.

    „Во оваа прва фаза повикот се однесува само за собирање боровинки и смрека бидејќи за нив има најголема побарувачка. Во наредниот период, ако се создадат поволни услови тоа, може да се прошири и на собирање чај, печурки и други шумски плодови. Со овој повик ние склучуваме договори до откупните центри, односно фирми кои се бават со откуп на шумски плодови. Тие фирми, пак, имаат обврска да потпишат договори со лицата кои сакаат да собираат шумски плодови, да ги обучат како правилно да ја вршат бербата и посебно да им укажат дека не смеат да соберат повеќе од 70% од плодовите на едно место, бидејќи мора да се зачува растението од целосно уништување“, вели Анела Ставреска-Панајотова, раководителка во НП „Шар Планина“.

    Но, освен професионалните берачи на шумски плодови, на Шар Планина има и голем број посетители кои исто така сакаат да собираат од овие планински плодови. За нив важат посебни услови за берење.

    „Што се однесува до лицата кои не се занимаваат со берење шумски плодови како професионална дејност, односно оние посетители на планината кои дошле на излет, викенд или одмор, за нив важи правилото дека можат да соберат само по еден килограм шумски плодови по лице и за овој вид берба нема потреба од дозвола. Контролата колку плодови се собрани ќе ја вршат вработените во Националниот парк. Исто така тие ќе ги контролираат и професионалните берачи, дали имаат склучено договори со откупните фирми. Ќе се контролираат и берачите на шумски плодови кои доаѓаат од Косово, вакви случаи имаше повеќе во изминативе години. Ако тие се затекнат на македонската страна од Шар Планина со собрани плодови, а немаат склучено договор со некоја откупна фирма од Македонија, тогаш нашите вработени имаат обврска да им го одземат сето што го собрале, бидејќи без дозвола не смее да излезе ниту еден ресурс од државата“, додава Ставреска-Панајотова.

    Од НП „Шар Планина“ велат дека на овој начин ќе може да се контролира количината на собраните плодови со цел да не се надмине одредената годишна квота за собирање и со тоа да се зачува природата на планината.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира