ВОДАТА ОД ЧЕШМАТА ВО БАШИНО СЕЛО НЕ Е ЗА ПИЕЊЕ ОТИ ИМА БАКТЕРИИ, ВЕЛИ ВЕЛЕШКИОТ ЦЕНТАР ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    ВОДАТА ОД ЧЕШМАТА ВО БАШИНО СЕЛО НЕ Е ЗА ПИЕЊЕ ОТИ ИМА БАКТЕРИИ, ВЕЛИ ВЕЛЕШКИОТ ЦЕНТАР ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕИспитаниот примерот на водата не одговара на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа поради зголемен вкупен број на бактерии. (Фото: СДК.МК)

    Водата од чешмата во Башино Село не се препорачува за користење, бидејќи има зголемен број бактерии, се вели во извештајот од тестирањето извршено на 24 јули од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Велес. Чешмата се наоѓа сретсело и од неа се снабдуваат и бројни велешани.

    „Испитаниот примерот на водата не одговара на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа поради зголемен вкупен број на бактерии. Со оглед дека станува збор за природна чешма која има непостојан квалитет на водата, истата не може да се смета за сигурен и безбеден извор за водоснабдување на населението. Потребно е да се изврши асанација на објектот и околината и да се воспостави редовна дезинфекција на водата за да може да се користи како вода за пиење“, се вели во извештајот на ЦЈЗ Велес.

    Годинава оваа вода била испитана четири пати  и тоа на  22 јануари, 27 април и 9 јуни кога била исправна, а само последниот примерок од 24 јули бил неисправен. Резултатите од испитана вода се доставуваат до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), која дава мерка да се стави табла дека водата не е за пиење.

    Минатата година ЦЈЗ Велес испитувал 107 примероци на вода од селските водоводи и чешми во Велешко. Во 31 случај била физичко-хемиски неисправна и 48 пати бактериолошки неисправна. Природната чешма среде Башино Село била испитувана најмногу, дури осум пати, а три пати била неисправна. Тоа, според стручните лица од ЦЈЗ Велес, покажува дека е со непостојан квалитет и не е препорачлива за користење.

    Лани се извршени вкупно 27 испитувања за квалитетот на водите од природните чешми во Велес. Притоа, во четири случаи водата била физичко-хемиски неисправна, а 20 пати бактериолошки неисправна. Водата која велешани најчесто ја користат во месноста Шорка била испитана пет пати и еднаш била неисправна. Сите останати биле повеќе неисправни, отколку што биле со исправна вода за пиење.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира