САКАВ ДА ОСТАНЕ СВЕДОШТВО ЗА ПРВАТА МАКЕДОНСКА ЕДРИЛИЦА „ИЛИНДЕНКА“ И ЈА ИЗДАДОВ КНИГАТА САМ ОД ПЕНЗИЈАТА, ВЕЛИ ПИЛОТОТ ЃОРГИ ЧАЧКИРОВ

    САКАВ ДА ОСТАНЕ СВЕДОШТВО ЗА ПРВАТА МАКЕДОНСКА ЕДРИЛИЦА „ИЛИНДЕНКА“ И ЈА ИЗДАДОВ КНИГАТА САМ ОД ПЕНЗИЈАТА, ВЕЛИ ПИЛОТОТ ЃОРГИ ЧАЧКИРОВЧачкиров со „Илинденка“ во 2023 кога беше изложена на спортскиот аеродром во Стенковец на авио шоуто што по повод 100 години македонска авијација го организираше аеро клубот „Скопје“. (Фото: СДК.МК)

    Пилотот, истражувач и хроничар на македонското воздухопловство Ѓорги Чачкиров ја промовираше книгата за првата македонска едрилица „Сага за летот на Илинденка“.

    Книгата претставува резултат на повеќегодишно истражување за единственото македонско воздухопловно претпријатие „20 Мај“ од Скопје, за неговите основоположници и за создавањето на едрилицата „Илинденка“, која во своето време важела за една од најуспешните едрилици произведени на овие простори.

    „Илинденка“ е првата македонска едрилица од категоријата „високо способни“, изработена од дрвена конструкција и оспособена за изведување на сите акробатски фигури. (Архивска фотографија)

    Чачкиров вели дека истражувањето било исклучително тешко бидејќи не постојат многу зачувани документи и сведоштва, а голем дел од архивската граѓа била уништена по скопскиот земјотрес и подоцнежната трансформација на претпријатието „20 Мај“ во фабриката „Алумина“. Дополнително, и самите едрилици од типот „Илинденка“ речиси целосно исчезнале.

    Едрилицата ја достигна својата слава со учеството на Светското едриличарско првенство во Полска во 1958. (Архивска фотографија)

    „Оваа воздухопловна приказна не допре до државните и градските институции за тие да овозможат нејзино објавување. Затоа решив сам да ја истражам и да ја финансирам книгата од својата пензија, барем во мал тираж, за да остане сведоштво за едно значајно поглавје од македонската историја“, вели Чачкиров.

    Книгата e резултат на повеќегодишно истражување за единственото македонско воздухопловно претпријатие „20 Мај“ од Скопје, за создавањето на едрилицата „Илинденка“, која во своето време важела за една од најуспешните произведени на овие простори. (Фото: СДК.МК)

    Воздухопловното претпријатие „20 Мај“ било основано во 1950 година и е единственото воздухопловно производствено претпријатие што постоело во Македонија. Во почетокот на 1960-тите години било трансформирано во фабриката „Алумина“, која подоцна е целосно урната.

    Со тоа, како и со последиците од земјотресот во Скопје, неповратно бил изгубен најголемиот дел од документацијата за производството на воздухопловните летала.

    Пробниот пилот Славко Димитровски во кабина на „Илинденка“. (Архивска фотографија)

    „Оваа книга е обид да се зачува меморијата за едно значајно достигнување на македонското воздухопловство, особено во пресрет на 2028 година, кога Скопје ќе биде Европска престолнина на културата. Публикацијата може да биде вреден извор за сите што ќе сакаат да се запознаат со историјата на македонското цивилно воздухопловство“, вели Чачкиров.

    Публикацијата може да биде вреден извор за сите што ќе сакаат да се запознаат со историјата на македонското цивилно воздухопловство“, вели Чачкиров. (Фото: СДК.МК)

    „Илинденка“ била првата македонска едрилица од категоријата „високо способни“, изработена од дрвена конструкција и оспособена за изведување на сите акробатски фигури. Благодарение на своите летачки способности, во 1958 година била избрана како дел од тогашната југословенска репрезентација на Светското првенство во едриличарство во Полска. Подоцна била произведена и „Илинденка 2“, со метална конструкција, но таа не го достигнала успехот на својот претходник.

    Двете едрилици што некогаш летале во Македонија биле уништени во 1969 година. Преостанатите два примерока се чувале во депото на тогашниот Музеј на југословенското воздухопловство во Белград, но без поголемиот дел од оригиналната техничка документација.

    Еден од тие примероци во 2023 година привренено беше донесен во Скопје по повод одбележувањето на 100 години од основањето на  аероклубот „Скопје“. Едрилицата беше реставрирана и изложена во хангарот на аеродромот во Стенковец, а по една година повторно беше вратена во денешниот Воздухопловно-технички музеј во Белград, каде што е прогласена за национално културно богатство.

    Поради малиот тираж, книгата засега ќе биде достапна претежно во националните библиотеки.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира