Денешната бурна процедурална расправа меѓу пратениците за спорниот Предлог-закон за спроведување на проектот „Скопје Европска престолнина на културата 2028 година (ЕПК)“ заврши со повлекување на точката од дневниот ред, откако по ургентната координација пратениците се договорија дека не само што нема Бадентерово мнозинство за него, туку и не смее да се вметнува вон Собранискиот деловник и со него да се озаконуваат набавки без тендери.
Точката прво беше спуштена од прва на четврта, а потоа целосно повлечена од дневниот ред на денешната собраниска седница. Немаше објаснување за тоа, спикерот Африм Гаши продолжи со точките за нови задолжувања на Македонија, за кои не беше потребено Бадентерово мнозинство и беа изгласани без проблем.
Со предложениот Закон се предвидува за спроведување на овој проект, Градот Скопје да основа Фондација „Европска престолнина на културата – Скопје 2028 година“ и за набавките на таа Фондација да не се применува Законот за јавните набавки. За овој проект се предвидени 21 милион евра од кои 95 отсто се средства од државниот буџетот и буџетот на Град Скопје, а 500.000 евра од Европските фондови. Постапките ќе ги спроведува Фондацијата „Скопје европска престолнина на културата“, каде градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за директор го назначи ексдиректорот на Македонската радио телевизија (МРТ) Марјан Цветковски
СДСМ побара повлекување на криминалниот закон за „Скопје 2028“, зашто како што рече пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска во чиј мандат како министерка за култура беше добиена оваа титула, ова е легализација на корупција.
Пред почетокот на седницата и Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, како и самата Антикорупциска комисија, побараа Предлог-законот кој озаконува корупција и крадење, да се повлече од собраниска процедура и да се објави на јавна расправа.
„Денес, на 29 јули 2026 година, на крајот на работниот месец и пред почетокот на годишниот одмор на Собранието или фаќање на последниот воз пред да се загуби титулата ЕПК 2028 година, законот беше поставен на предлог-дневниот ред, па од предлог-дневниот ред беше повлечен. Но, законот сепак останува во собраниска процедура, што значи дека на некоја нова седница тој повторно ќе се најде. Откако е добиена оваа титула во септември 2023 година и откако беше воспоставен начинот на функционирање, управување и објавување на повици, со доаѓањето на ВМРО-ОКГ на власт во 2024 година целиот процес застана. Зошто? Најверојатно овој предлог-закон се смислуваше две години. Слично толку време се смислуваше и ‘Скопје 2014’. За жал, престижната титула ‘ЕПК Скопје 2028’ за ВМРО-ОКГ стана нов начин на перење пари“, регираше Костадиновска-Стојчевска.
Таа рече дека „криминалната организација ВМРО-ДПМНЕ повторно се обидува да протне закон со кој ќе ги заобиколи правилата за јавни набавки и ќе отвори простор за нови милионски тендери без контрола“.
Потоа го образложи стравувањето.
„Подготвиле закон со кој 21 милион евра јавни пари ќе можат да се трошат без примена на Законот за јавните набавки, без тендер. Преку основање Фондацијата што наводно треба да го реализира проектот ‘Скопје Европска престолнина на културата 2028’. Со овој закон се создава опасен преседан чија цел е пумпање на парите на граѓаните и богатење на поединци. Само тендери и лапање пари, тоа е единствената цел на оваа организирана криминална група. СДСМ и коалицијата бараат итно повлекување на овој криминален закон кој значи легализација на корупција. Никој нема право да биде над Законот за јавните набавки, особено кога станува збор за десетици милиони евра пари на граѓаните“, кажа таа.
Најтажен момент во целиот овој процес е што уметниците, кои го донесоа признанието „Скопје 2028 Европска престолнина на културата“, не се ниту препознаени, ниту спомнати, ниту вистински вклучени во предлог-законот, туку останаа надвор од законот, рече Костадиновска-Стојчевска.
С. К. ДЕЛЕВСКА



