Битола викендов остана без слободни соби за престој. Од денес до 3 август, а и подоцна, речеиси сите сместувачки капацитети се пополнети, а дел од посетителите не успевајќи да најдат преноќиште во градот, резервирале сместување во Ресен.
„Нема слободна соба викендов“, велат сопствениците на сместувачки капацитети. Тоа го потврдуваат и интернат платформите за резервација каде околу 99 проценти од сместувачките објекти во градот се резервирани.
Туристичката навала се должи на концертот на музичката поп легенда Здравко Чолиќ на 1 август на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, каде ќе присуствуваат гости од цела Македонија, па и од поранешните југословенски простори. Во тек се и други културни манифестации, а градот се полни и со иселеници кои се враќаат во родниот крај за 2 Август – Илинден.
„Не остана ни еден слободен кревет. Слободно да го понудам станот во кој живеам, верувајте дека за 5 минути ќе го издадам“, вели Филип Јосифовски, угостител од Битола.
Најбарани се хотелските и апартмански сместувања во центарот на градот, на и околу Широк Сокак, но издадени се и подалечените капацитети. Соба за двајца чини од 30 до 80 евра.
„Ова е шпицот на летната туристичка сезона, од 31 јули цела следна недела немаме слободна соба. Градот е толку полн што дел од гостите, не можејќи да преноќат во Битола, прифатија да преспијат во Ресен“, вели сопственик на апартмани во центарот на Битола.
Културните манифестации и концерти во Битола привлекуваат туристи, но градот долго време има недостиг на објекти за сместување.
„Многу често се кажува дека туристите доаѓаат на неколку дена, но треба да бидеме објективни и да кажеме дали има каде да отседнат? Немаме сместувачки капацитети адекватни на европските и азиските стандарди со 4 ѕвезди, да не зборуваме за 5. Има голем број приватни капацитети, но кога ќе дојде поголема група гости на фестивал или настан, не може да ги делите по апратмани со по 4-5 соби. Сѐ е добро со концертите и манифестациите во Битола, но доаѓаме во ситуација гостите да мора да патуваат во други градови и тоа е страшен проблем“, вели Горан Пинза, лиценциран туристички водич од Битола.
Тој смета дека ситуацијата ќе се подобри ако туристичките агенции се насочат повеќе кон дојдовен, наместо кон појдовен туризам.
Според Државниот завод за статистика, во јули 2025 во Битола беа регистрирани 6.011 ноќевања, од нив повеќе на странски гости (3.969), а помалку на домашни (2.042). Во септември истата година, кога се одржуваше и Фестивалот „Браќа Манаки“, имаше 3.729 ноќевања. Само концертот на големата ѕвезда на електронската музика Армин ван Бурен на „Битфест“ во 2025 привлече над 10.000 посетители.
Во публикацијата „Краток историски преглед на хотелската индустрија во Битола“ од проф. д-р Никола Димитров од Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, се посочува дека преку лето Битола има и над 5.000 гости, а до 2023 имало над 1.000 соби и над 2.200 кревети.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



