Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов апелираше на голема внимателност поради најавените високи температури и големата можност за пожари. Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) соопшти дека под влијание на топла воздушна маса од југ во деновите од продолжениот викенд и до крајот на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Дневната температура насекаде ќе биде над 32 степени, а во некои места ќе надмине 40 Целзиусови степени. Високи температури ќе се задржат и во текот на ноќните часови.
Ангелов рече дека во јули во земјава во просек имало по петнаесетина пожари дневно, но и дека локалните дождови помогнаа за помал број на пожари, го успоруваа нивното ширење и овозможија нивно полесно гаснење.
„Но, врнежите од дожд завршија. Македонија ја зафаќа силен топлотен бран. Бујната вегетација која наскоро ќе биде барут сува, високите температури, ниската влажност на воздухот и променливиот ветер создаваат исклучително висок ризик за појава, брзо ширење и тешко гаснење на пожарите на отворен простор. Доволна е само искра. Најголемиот број на пожари на отворен простор настануваат ненамерно, но некогаш е доволна само една искра за катастрофален пожар“, рече Ангелов.
Директорот апелираше да не се фрла отпушок од цигара на отворен простор, особено од возило во движење, да не се пали скара или оган на отворен простор или во шума, граѓаните да ја исчистат тревата и грмушките од дворовите на викендиците и куќи. Тој апелираше и до земјоделците и сточарите да не ги палат стрништата и пасиштата.
„Во најблиската полициска станица или на 112 пријавете го секое сомнително однесување. Лица кои во шишиња, туби или други садови, носат течност која изгледа или мириса како бензин, лица кои носат факели, огномети или големи петарди, лица кои во планина превезуваат автомобилски гуми. Сите кои ќе предизвикаат пожар треба да завршат во затвор“, рече Ангелов.
Б. НЕСТОРОСКА



