ПОЧИНА ФРАНКО БАРЕЗИ, ЛЕГЕНДАРНИОТ КАПИТЕН НА МИЛАН И ИТАЛИЈА

    ПОЧИНА ФРАНКО БАРЕЗИ, ЛЕГЕНДАРНИОТ КАПИТЕН НА МИЛАН И ИТАЛИЈАБарези, кој важи за еден од најдобрите одбранбени играчи во историјата на фудбалот, ја мина целата професионална кариера во Милан. (Фото: Милан)

    Почина Франко Барези, легендарниот капитен на Милан и на италијанската фудбалска репрезентација, на 66-годишна возраст. Веста ја објави неговиот матичен клуб Милан, соопштувајќи дека целата клупска историја е во солзи по заминувањето на еден од најголемите спортски симболи.

    Барези, кој важи за еден од најдобрите одбранбени играчи во историјата на фудбалот, ја мина целата професионална кариера во Милан. Дебитираше за првиот тим во 1978 година како 17-годишник и во текот на две децении одигра повеќе од 700 официјални натпревари. Со клубот освои шест титули во Серија А, три европски шампионски титули, два Интерконтинентални купа, два УЕФА Суперкупа и четири италијански Суперкупа. Тој беше предводник на тимот и во периодот кога Милан оствари серија од 58 натпревари без пораз во италијанското првенство. Во знак на почит, клубот трајно го повлече од употреба неговиот дрес со број 6.

    Со репрезентацијата на Италија го освои Светското првенство во Шпанија во 1982 година, го oсвои третото место на Мундијалот во 1990 година, а како капитен ја предводеше националната селекција до финалето во 1994 година во САД. Тој е единствениот италијански фудбалер кој ги освоил сите три медали на Светските првенства.

    Изминатата година од Милан соопштија дека за време на рутински прегледи кај Барези бил откриен јазол на белите дробови, по што тој беше подложен на операција и дополнителни терапии. Неговата здравствена состојба се влоши во последните денови, по што тој почина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира