Во бран напади со дронови изведени утрово, Украина ја погоди воздухопловната база Енгелс-2, рафинериите во Саратов и Уфа, како и објект на компанијата „Вајлдберис“ во регионот Самара.
По нападот врз магацинот на „Вајлдберис“ во Самара избувна голем пожар. Видеоснимките кои се шират на социјалните мрежи прикажуваат оган што го зафаќа целиот објект и високи столбови црн чад кои се дигаат кон небото.
Од прес-службата на рускиот онлајн трговец соопштија преку „Телеграм“ дека во инцидентот нема пријавено жртви и дека нивните логистички синџири се веќе реорганизирани. Приемот и испораката на сите нарачки се пренасочени во други нивни капацитети.
Повеќе украински дронови утрово удрија и во рафинеријата за нафта во Саратов, по што објектот исто така беше зафатен од пламен.
Во јули, украинските сили веќе гаѓаа повеќе логистички објекти на „Вајлдберис“ низ Русија како дел од т.н. санкции со долг дострел на Киев. Украинскиот претседател Володимир Зеленски тогаш кажа дека овие магацини се користат за снабдување на руската армија со делови за дронови и навигациска опрема.
Компанијата „Вајлдберис“ е основана во 2004 година од руската милијардерка Татјана Ким и со текот на времето стана најголема онлајн продавница во земјата. Меѓу производите што се нудат на нејзината платформа се наоѓаат и артикли како ножеви, шлемови, камуфлажна опрема и уреди за ноќно гледање.



