Договорот со германскиот воен концерн „Рајнметал“ е исклучително поволен за Бугарија, но фабриката за барут и гранати веројатно нема да се изгради, бидејќи од овој проект нема можност да се земе поткуп, изјави лидерот на опозициската ГЕРБ и поранешен бугарски премиер Бојко Борисов.
Според Борисов, единствениот проблем со договорот е што нема начин да се побара мито од германскиот гигант, па затоа проектот најверојатно ќе биде префрлен на приватни фирми преку кои тоа би било можно. Договорот за изградба беше потпишан од претходниот владин кабинет, но за време на последната посета на претставниците на германската фирма стана јасно дека позицијата на бугарската влада е променета.
Министерот за економија Александар Пулев упати забелешки до проектот поради тоа што нема обезбедено финансирање, ниту пак е избрана конкретна локација за градба.
Иновативната фабрика за производство на барут и артилериски гранати од 155 милиметри според стандардите на НАТО требаше да се реализира преку заедничко претпријатие меѓу „Рајнметал“ и државната ВМЗ-Сопот. Со реализацијата на оваа инвестиција беше предвидено отворање на 1.000 нови работни места.



