Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и покрај донесените мислења за директна и немилосрдна дискриминација врз жени кои добиваат откази веднаш штом ќе им соопштат на газдите дека се бремени, сепак преплавена е од вакви претставки. Ваквите случаи станаа секојдневие, а државата не презема мерки да ја спречи оваа нечовечност.
Комисијата утврди директна интерсекциска дискриминација врз основа на пол, род, здравствена состојба и лично својство бременост, во областа на работата и работните односи сторена од страна на сопружници, газда на синџир бутици и неговата сопруга вработена кај него како сметководителка и книговодителка.
Според претставката што ја поднела, дискриминираната работничка имала договор на определено време од 1.01. до 31.12.2026 година. Работела и претходно како продавачка во еден од бутиците и немало никаков проблем, напротив, ѝ било понудено да потпише договор за работа и за оваа цела година.
Откако му соопштила на работодавачот дека е бремена, ѝ било кажано дека немаат потреба од неа и веднаш почнале притисоците за присилен отказ. На 7 февруари таа прво ѝ кажала на сопругата на газдата, па веќе на деветти дошла првата дисциплинска пријава за неа, па на 11-ти нова и на 12-ти трета со закани веднаш да потпише спогодбен договор за отказ. Пријавителката не го потпишала, од силен стрес ѝ се слошило, отишла на лекар. Таму ја пратиле на боледување.
На 13 февруари работодавачот ја одјавил (откако претходно еднострано и самоиницијативно ѝ го сменил договорот од една година на само три месеци), и веднаш објавил оглас за продавачка, на нејзиното место. Бремената работничка не ја спасило ни решението од Државниот инспекторат за труд, каде го пријавила работодавачот, а со кое се поништува едностраното преименување на нејзиниот договор за работа, што го преправил газдата за да ја избрка веднаш.
Уставот на Македонија го гарантира правото на еднаквост, слободното одлучување да се создаде семејство и посебната заштита на мајчинството, гарантирајќи го истовремено и правото на работа.
Членот 6 од Законот за работни односи воспоставува генерална забрана на дискриминација, меѓу другото и врз основа на пол, семеен статус или други лични околности.
- МАГИСТЕРКА ПСИХОЛОГ ВО БОЛНИЦАТА ВО СТРУГА, ИЗБРКАНА ОД РАБОТА КОГА КАЖАЛА ДЕКА Е БРЕМЕНА, ОД СИЛЕН СТРЕС ВО 27-TA ГЕСТАЦИСКА НЕДЕЛА ГО ИЗГУБИЛА БЕБЕТО
- КАЖАЛА ДЕКА Е БРЕМЕНА, УТРЕДЕНТА ДОБИЛА ОТКАЗ, ПА ЗАВРШИЛА НА ПСИХИЈАТАР, КOМИСИЈАТА ЗА ЗАШТИТА УТВРДИ НАЈТЕЖОК ВИД ДИСКРИМИНАЦИЈА
- КОНФЕКЦИСКА РАБОТНИЧКА ИЗБРКАНА ОД РАБОТА ЗАШТО ПОБАРАЛА БОЛЕДУВАЊЕ ЗА ДА СЕ ГРИЖИ ЗА ДВЕГОДИШНОТО ДЕТЕ СО СИПАНИЦИ
- ДИСКРИМИНАЦИЈА Е ОТПУШТАЊЕТО НА БРЕМЕНАТА ПРОДАВАЧКА ВО „ПРОСВЕТНО ДЕЛО“, СО НЕПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ЗА РАБОТА Ѝ ГО УПРОПАСТИЛЕ ПОРОДИЛНИОТ НАДОМЕСТ, УТВРДИ КОМИСИЈАТА
- НАЧАЛНИК И КОМАНДИР НА ГРАНИЧЕН ПРЕМИН ДИСКРИМИНИРАЛЕ ПОЛИЦАЈКА, ПОПРЕЧУВАЈЌИ Ѝ ГО ЗАКОНСКОТО ПРАВО ДА ГО ДОИ 9-МЕСЕЧНОТО БЕБЕ
Во областа на работните односи заштитата од дискриминација поради бременост има посебно значење, бидејќи бремените работнички се наоѓаат во специфична положба во која можат да бидат изложени на ризик од губење работа, притисок за прекин на работниот однос, или неповолно постапување порадикористење здравствена заштита и отсуство од работа.
Комисијата за дискриминација препорачува во рок од 30 дена од денот на приемот на ова Мислење, работодавачот да направи обид за спогодбен надомест на материјалната и нематеријалната штета која избрканата бремена вработена ја претрпела како последица на утврдената дискриминација, притоа писмено да ја извести Комисијата за преземените дејствија и да достави соодветни докази за исполнување на препораката.
КСЗД препорачува сопружниците сопственик/работодавач и сметководителката да ѝ се извинат на жртвата на тешка дискриминација и да достават доказ до Комисијата дека тоа го направиле.
Неспроведувањето на препораките ќе значи пријава на дискриминаторите до надлежен суд.
КСЗД не ги објавува идентитетите на странките во постапките.
С. К. ДЕЛЕВСКА



