Бројот на загинати во експлозија на дрон на плажата во Архипо-Осиповка порасна на седум лица, меѓу кои има и три деца, соопшти оперативниот штаб на рускиот Краснодарски Крај преку платформата „Телеграм“. Во воздушниот удар во близина на руското црноморско одморалиште Геленџик беа повредени уште 40 луѓе.
Дополнително, 21 лице е хоспитализирано, додека 19 луѓе добиле амбулантна медицинска помош. Засега не е познато дали дронот бил пресретнат пред да падне на плажата, а Украина сè уште се нема огласено со коментар за нападите.
Нападот се случи во област која долги години важи за омилена дестинација за руските туристи. Популарноста на селото Архипо-Осиповка, кое се наоѓа на 60 километри од поголемиот град Геленџик, дополнително се зголеми откако патувањата на Русите во странство станаа компликувани поради санкциите и визните ограничувања. Исто како и поголемиот дел од црноморското крајбрежје, Геленџик се одликува со топли летни температури, плажа со камчиња и долго шеталиште со ресторани и барови, поради што е посебно популарно место за семејни одмори.
Во оваа област, меѓу Архипо-Осиповка и Геленџик, се наоѓа и луксузниот комплекс познат како Палатата на Путин, кој во 2021 година беше предмет на истражување на Фондацијата за борба против корупцијата на починатиот опозициски лидер Алексеј Навални.



