СЕ ЗАСИЛУВА ПРИТИСОКОТ ВРЗ ИНФАНТИНО ДА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА, СРБИЈА И ШВЕДСКА ЈА ПОВЛЕКОА ПОДДРШКАТА ЗА НЕГОВИОТ РЕИЗБОР ЗА ШЕФ НА ФИФА

    СЕ ЗАСИЛУВА ПРИТИСОКОТ ВРЗ ИНФАНТИНО ДА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА, СРБИЈА И ШВЕДСКА ЈА ПОВЛЕКОА ПОДДРШКАТА ЗА НЕГОВИОТ РЕИЗБОР ЗА ШЕФ НА ФИФАПозицијата на Инфантино се разниша откако изнесе планови за продажба на удели во натпреварувањата на ФИФА на приватни инвеститори (Фото: ДПА)

    Фудбалските федерации на Србија, Шведска и Финска ја повлекоа поддршката за повторниот избор на Џани Инфантино за претседател на ФИФА, додека се засилува притисокот врз него да поднесе оставка една година пред истекот на третиот мандат. Висок функционер од УЕФА изјави дека противниците на Инфантино се закануваат со несоработка со ФИФА доколку тој не се повлече.

    Позицијата на до неодамна недопирливиот Инфантино се разниша откако тој изнесе планови за продажба на удели во натпреварувањата на ФИФА на приватни инвеститори. УЕФА се закани со правни мерки поради предлозите, по што Велс прв јавно ја повлече поддршката за кандидатурата на Инфантино, а Англиската фудбалска асоцијација е подготвена да го стори истото.

    Во март, Инфантино треба да се кандидира за нов реизбор, а за победа ќе му бидат потребни 106 гласови од 211-те членови на ФИФА. Покрај УЕФА, плановите на Инфантино ги критикуваа и Азиската фудбалска федерација и КОНКАКАФ (Северна Америка и Кариби), кои заедно имаат 111 членови, додека Африка, Јужна Америка и Океанија не се изјаснија против нив.

    Советот на ФИФА би можел да се обиде да го принуди Инфантино да поднесе оставка преку итен состанок. Тоа би се активирало ако 19 од 37-те членови на Советот побараат оставка, а состанокот мора да се одржи во рок од две недели.

    Инфантино сакаше да создаде комерцијална подружница која би ги организирала главните настани на ФИФА, вклучувајќи ги светските првенства, а надворешните инвеститори би можеле да купат удели во неа. Инфантино им пишал на сите 211 членки на ФИФА, велејќи дека ќе добијат 40 милиони долари доколку го поддржат неговиот контроверзен предлог, за што требаше да се изјаснат до 19 септември.

    Инфантино побарал поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп, објави „Њујорк пост“ вчера. Според весникот, тој постојано се обидувал, но не успеал, да го контактира Трамп по телефон откако предлогот пропадна во петокот, додавајќи дека се чувствувал изолиран поради големото негативно медиумско известување.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира