Во Охридското блато кај Студенчишта нема да се гради марина и други придружни објекти од цврста градба, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори што секаат да останат анонимни во оваа фаза на битката со локалната самоуправа. Последните информации говорат дека силните реакции во јавноста ина експертите најверојатно го натераа градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески да се откаже од идејата во Блатото да гради марина за луксузни пловни објекти.
Веста е потврдена од охридските екологисти којисо години се залагаат за заштита на, како што го нарекуваат овој крајбережен простор, белите дробови на Охридското Езеро.
Според нашите соговорници во новиот Генерален урбанистички план на Охрид нема да биде вцртана марина и други објекти во Охридското блато.Планот бил во фаза на изработка и речиси е сигурно дека блатото ќе биде сочувано од урбанизација и бетонизација.
Последниот ГУП е донесен во 2004 година, а вакви планови треба да се носат во период од десет години. Сега е на сила ГУП-от кому му е истечен рокот на важење, но се работеше според него со образложение дека тоа ќе се прави се додека не се донесе нов.
На почетокот на мандатот градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески најави дека на овој простор ќе се гради марина за вкотвување на скапите пловни објекти кои сега го користат делот кај Студенчишкиот канал. Многумина предупредуваа дека Билјанини извори може да експлодираат бидејќи токму тука глисерите и јахтите се полнат со гориво од канти од кои истекува нафта во каналот, а тоа може да предизвика на палење на горивото и еколошка катастрофа. Бакрачески тврдеше дека марината ќе се гради врз основа на преходни извршени детални анализи на познати експерти и оти немало да се загрози еко-системот на овој крајбрежен појас од витално значење за Охридското езеро.
Биолозите велат дека Студенчишкото блато е живеалиште на бројни ретки птици и други видови од животинскиот свет. Тука порано, пред повеќе децении, се мрестеше и познатиот охридски крап.Со перманентното покривање на блатото со шут и друг отпад ова живеалиште на крапот беше уништено.
Најавите за бетонизација на Студенчишкото плато кое се простира на околу 30-тина хектари предизвикаа сили реакции во стручната јавност и кај обичните граѓани и вљубеници во Охрид од Македонија и светот.
Познатиот охридски биолот професот д-р Трајче Талевски јавно му се обрати на градоначалникот и напиша дека ваквиот потег би претставувал катастрофална грешка, затоа што изградбата на марината би го уништила природното живеалиште на голем број растителни и животински видови, од кои дел се ендемски и живеат исклучиво во овој дел од Охридското езеро.
“Не барајте инвеститори за изградба на марина, барајте инвеститори за ревитализација, зачувување и заштита на Студенчишкото блато. Марина се гради секогаш и секаде, блато не можете, ниту Вие, ниту кој и да е да изгради. Тоа е „изградено“ пред милениуми, пред да го има и Охрид. А денеска со еден збор ќе се уништи цел еден екосистем за да се задоволат желбите на стотина сопственици на бродови, глисери и јахти. А ние каде сме ние останатите господине Градоначалник? Каде сме ние останатите 40.000 охриѓани?”,напиша д-р Талевски во обраќањето на Бакрачески.
И на седницатa на Советот на општина Охрид од 15 март 2015 година се водеше бурна расправа околу урбанизацијата на делот под Плаошник и за Студенчишкото блато.