Во септември ќе има околу 4.900 првачиња помалку од лани, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, додавајќи дека бројката не е конечна. На прес-конференцијата во Министерството за образование и наука (МОН) за соопштување на резултатите од државната матура, министерката зборуваше дека се намалува бројот на средношколци и на студенти, но најдрастично е кај бројот на првачиња.
„Бројот на студенти се намалува, со оглед на тоа дека сè помалку ученици имаме и во основните и во средните училишта. Оваа година бројот на ученици во средните училишта е намален, но не е драстично намален. Тие бројки не се дефинитивни оти имаме и трет уписен рок во август, но бројката во основно училиште е значително намалена и во овој процент се движиме околу надд 4.000 деца помалку од лани. Не е дефинитивна бројката затоа што уште ќе се запишуваат, дел од нив не се пријавени, и се надевам дека малку ќе опадне таа бројка, но е страшно голема во однос на демографијата. Жал ми е што морам да кажам, но тоа е факт, тоа и Статистика го има објавено, некаде околу 4.900 првачиња помалку од лани до оваа година. Колку и да се запишат, уште две да се запишат, ќе бидеме со најмалку 3.000 првачиња помалку. Тој тренд го очекуваме и следната година, што е поразително за оваа земја“, рече Јаневска.
За интересот за студирање, рече дека во однос на образование, не на пазар на труд, дефицитарни се математика, физика и географија, а во одредени делови од земјата станува проблем македонскиот јазик.
„Тие деца ние ги стимулираме со тоа што им даваме поголеми стипендии во однос на сите останати. Во однос на пазарот на труд, пазарот на труд е одлично покриен со информатика, електротехника, машинство, тие се во 90 и повеќе проценти вработени. Имаме недостаток на работни места за дел од општествените науки. Економија е одлично покриена и тие се речиси сите вработени. Право малку послабо, но веќе станува проблем со дел од дел од педагошките, јавна администрација, политички, разни типови на науки, тука веќе вработеноста опаѓа и секоја година опаѓа. Затоа оваа година направивме мала рестрикција во квотите. А кога ги распишуваат факултетите конкурсите, ги распишуваат според она што им е одобрено во акредитација. Па така да речеме, според акредитацијата одобрени им се 500 студенти на некоја програма. Кога направивме анализа на секторот на пазарот на труд , утврдивме дека во овој момент не се потребни 500 студенти, туку решивме ние ќе им дозволиме 400“, рече Јаневска.
Б. НЕСТОРОСКА



