УАПСЕНА БРАЧНА ДВОЈКА ОД ВЕЛЕС ЧИИ ПЕТ МАЛОЛЕТНИ ДЕЦА БИЛЕ ЗАПУШТЕНИ И БЕЗ РОДИТЕЛСКА ГРИЖА

    УАПСЕНА БРАЧНА ДВОЈКА ОД ВЕЛЕС ЧИИ ПЕТ МАЛОЛЕТНИ ДЕЦА БИЛЕ ЗАПУШТЕНИ И БЕЗ РОДИТЕЛСКА ГРИЖАПри прегледот во Општата болница Велес кај децата не се констатирани посериозни здравствени проблеми, освен што хигиенски биле во екстремно лоша состојба. (Фото: СДК.МК)

    Велешка брачна двојка е уапсена откако е констатирано дека нејзините пет мали деца се запустени и живеат во екстремно лоши услови, поради што биле пренесени во СОС Детско село. Полицијата против родителите најави кривична пријава за запуштање и малтретирање дете.

    „На 7 август во 20:40 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес ги лишија од слобода Ѓ. Ш. (33) и 29-годишната С. Ш., двајцата од Велес, постапувајќи по претходна пријава за запуштање и малтретирање на дете. Полициски службеници и претставници од Центарот за социјални работи од Велес извршиле увид во домот каде престојуваат Ѓ. Ш., С. Ш. и нивните пет малолетни деца, при што било констатирано дека немало основни услови за живот и одгледување на децата“, соопшти Ана Милевска-Ѓеоргиева, портпаролка на СВР Велес.

    За настанот бил известен јавен обвинител, а со родителите бил извршен службен разговор. Инспектор за малолетници при СВР Велес и социјални работници од Центарот за социјални работи ги однеле децата во Општа болница Велес заради утврдување на нивната здравствена состојба.

    „На Детско одделение биле донесени пет деца од исто семејство, во придружба на социјални работници и полиција. Освен тоа што хигиенски биле во екстремно лоша состојба, не се констатирани посериозни здравствени проблеми“, информираше д-р Анамарија Џунџева, портпаролка на ЈЗУ Општа болница Велес

    По прегледот, децата биле предадени во Центарот за поддршка на згрижувачки семејства „СОС Детско село“. По целосно расчистување и документирање на настанот, полицијата најавува дека ќе поднесе соодветни пријави.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира