Доналд Трамп одговори на иранските услови за мировен договор, барајќи од Иран да плати отштета за луѓето убиени во војни, напади и протести, што веројатно ќе ги усложни напорите за повторно отворање на Ормускиот Теснец.
Барањето на Трамп, кое претходно не беше изнесено, уследи откако Иран побара прекин на војната, воена отштета и укинување на санкциите, што во голема мера е во согласност со условите од прелиминарниот мировен договор потпишан во јуни.
„Ќе побараме пари за штетата што ја направија во последните 50 години. Исплатите ќе ги покријат смртните случаи и меѓу цивилните демонстранти и меѓу американските сили во регионот. Значи, ако има штети што треба да се платат, мислам дека Иран треба да ги плати“, рече Трамп.
Осврнувајќи се на задушувањето на антивладините протести кон крајот на 2025 и во почетокот на 2026, кога првпат се закани дека ќе интервенира, Трамп рече дека Иран убил околу 52.000 демонстранти во тие шест недели. Додека некои ирански опозициски и егзилски групи тврдат дека се убиени десетици илјади луѓе, новинската агенција на активисти за човекови права ХРАНА со седиште во САД во февруари објави дека имало околу 7.000 смртни случаи, вклучувајќи 6.500 демонстранти.
Трамп, исто така, рече дека Техеран треба да им надомести на семејствата на 17-темина американски морнари убиени во нападот врз воениот брод „Кол“ во Јемен во октомври 2000, за што е обвинета Ал Каеда, а не Иран.
„Исто така, Иран треба да биде одговорен за штетите и смртта предизвикани на народот во Либан, Сирија, Јемен и Газа“, кажа Трамп.
Иран претходно соопшти дека е блиску до финален договор со Оман за дефинирање нови бродски линии во Ормускиот Теснец, но повтори дека за негово повторно отворање, САД мора да исполнат некои услови. Договорот со Оман ќе му даде на Техеран поголеми овластувања врз клучниот воден пат отколку што имаше пред почетокот на војната.



