Функцијата на судовите не се состои во извршување на одлуки на други државни органи, туку во самостојно и независно судење врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, велат Судскиот совет и Здружението на судиите во врска со потегот на Уставниот суд да пријави во обвинителството судија од Основниот граѓански суд, поради неизвршување на одлука на Уставниот суд. Во заедничкото соопштение, Судскиот совет и Здружението на судии велат дека ниту еден орган, без оглед на неговата уставна положба, не може да определува или да прејудицира каква одлука треба да донесе судот во конкретен предмет.
Од двете судски тела велат дека го почитуваат уставниот статус на Уставниот суд и принципот дека неговите одлуки се конечни и извршни, но додаваат дека еднакво значајно е почитувањето на уставно загарантираната самостојност и независност на судовите, законски уредениот тек на судските постапки и правото на користење на предвидените правни лекови.
Понатаму во соопштението, двете судски тела велат дека во конкретниот случај, решението П4-240/22 од 4 мај 2026 година на Основниот граѓански суд Скопје не е правосилно и против него е изјавена жалба за која треба да одлучува надлежниот второстепен суд и додаваат дека постапката сè уште е во тек, а оценката на законитоста на првостепената одлука му припаѓа само на надлежниот второстепен суд.
Судскиот совет и Здружението на судиите сметаат дека секое институционално постапување поврзано со конкретната неправосилна судска одлука бара особена внимателност и воздржаност, за да не се создаде впечаток на прејудицирање на исходот од постапката или на притисок врз судиите кои одлучуваат во предметот.
Предметот по кој одлучуваше Уставниот суд и утврди повреда на слободите и правата на Наташа Стојановска се однесува на организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година. Подносителката, како акредитиран новинар на Телевизија „24 Вести“, била присутна во зградата на Собранието со задача да известува за изборот на нов претседател на Собранието, како прашање од изразен јавен интерес. По насилниот упад во собраниската зграда, таа била изложена на закани и заплашување и била спречена да ја врши новинарската задача, притоа не била обезбедена соодветна заштита од надлежните државни органи.
Уставниот суд утврди дека подносителката, како новинар, била оневозможена да ги изрази своите мислења и идеи без страв, на начин што државата пропуштила да ја исполни позитивната обврска да ја заштити и да ѝ овозможи да ја информира јавноста за настаните во Собранието. Оваа околност, според Уставниот суд, била пропуштена да се утврди и соодветно да се оцени со пресудите наведени во диспозитивот на Одлуката.
Врз основа на тоа, Уставниот суд оцени дека во наведените вонредни и насилни околности државата пропуштила да го заштити, а со тоа го повредила правото на слободно изразување на мислата, гарантирано со член 110 алинеја 3 и член 16 од Уставот, како и член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права.



