Одлуката на Уставниот суд да се повтори граѓанската парница на новинарката Наташа Стојановска поради повреда на нејзините уставни права на 27 април 2017 година, судија од Граѓанскиот суд Скопје не ја признал и ја отфрлил, поради што највисокиот суд го пријави во Обвинителството.
Согласно со член 112 став 3 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Според член 81 од Актот на Уставниот суд, тие се и правно обврзувачки за сите правни субјекти!
Согласно со член 377 став 3 од Кривичниот законик, службено или одговорно лице кое ќе одбие да изврши одлука на Уставниот суд на Република Македонија што е должно да ја изврши ќе се казни со затвор од една до пет години!
Покрај Обвинителството, уставните судии го известиле и Судскиот совет дека граѓанскиот судија не извршил одлука на Уставниот суд за слободи и права. Уставниот суд всушност за првпат го применува механизмот за заштита на сопствените одлуки.
На 24 септември 2025 година Уставниот суд утврди повреда на слободите и правата коишто се однесуваат слободата на јавно изразување на мислата на Наташа Стојановска сторени со две пресуди (едната од Основниот граѓански суд Скопје од 15.06.2022 и втората од Апелациониот суд Скопје од 19.12.2024 година), и го уважи барањето на подносителката.
На 22 мај 2026 година нејзиниот адвокат Филип Медарски го извести Уставниот суд дека пресудата за предметот БЗСП.бр.8/2025 не е извршена, односно воопшто не е земена предвид. Односно, предлогот на подносителката Стојановска за повторување на постапката во Основниот граѓански суд, по „наредба“ на Уставниот суд, е отфрлен.
По ова известување, судиите на работен состанок одржан на 15 јули 2026 година, со мнозинство гласови, одлучиле да се донесе посебно решение со кое ќе се утврди дека Одлуката на Уставниот суд не е извршена.
„Уставниот суд утврди дека првостепениот (Основниот граѓански) суд се повикал на одредбите од Законот за парничната постапка, навел дека Одлука на Уставниот суд не може да биде основ за повторување на постапката како нов факт или доказ, но пропуштил да ги земе предвид уставно утврдените правни карактеристики и правно дејство на одлуките на Уставниот суд, односно нивната конечност, извршност и општа задолжителност, со што во суштина не ја извршил Одлуката на Уставниот суд“, кажа денеска највисокиот суд како воопшто не бил сфатен од граѓанскиот судија кај кој бил предметот на новинарката Стојановска.
Уставниот суд смета дека ваквите случаи треба да се согледуваат низ призмата на целовитоста на Уставот, особено на непосредната уставно-судска заштита на граѓаните кои ги уживаат правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот.
А во Основниот граѓански суд веќе имало воспоставено пракса да се земаат предвид одлуките на Уставниот суд кои се однесуваат на заштитата на слободите и правата. Имено, по донесувањето на Одлуката на Уставниот суд У.бр.146/2021 од 12 јули 2023 година, Основниот граѓански суд Скопје, одлучувал по предлог за повторување на постапката во правосилно завршениот предмет МАЛВП-705/20 од 14.04.2021 година, ја прифатил наведената одлука на Уставниот суд како нов факт и нов доказ и како основ за повторување на постапката согласно со член 392 став 1 точка 9 од Законот за парничната постапка. Ваквиот пристап подоцна бил прифатен и од Апелациониот суд Скопје со Решението ГЖ-118/24 од 07.11.2024 година.
„Оттука, Уставниот суд оцени Основниот граѓански суд за Наташа Стојановска, не овозможил остварување на уставните слободи и права на подносителката иако истите биле утврдени со Одлуката БЗСП.бр.8/2025 на Уставниот суд. Конечноста и извршноста на одлуките на Уставниот суд се заштитени и со кривично-правни санкции во случај кога не се извршуваат.
Предметот по кој одлучуваше Уставниот суд и утврди повреда на слободите и правата на Наташа Стојановска се однесува на организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година. Подносителката, како акредитиран новинар на Телевизија „24 Вести“, била присутна во зградата на Собранието со задача да известува за изборот на нов претседател на Собранието, како прашање од изразен јавен интерес. По насилниот упад во собраниската зграда, таа била изложена на закани и заплашување и била спречена да ја врши новинарската задача, притоа не била обезбедена соодветна заштита од надлежните државни органи.
Уставниот суд утврди дека подносителката, како новинар, била оневозможена да ги изрази своите мислења и идеи без страв, на начин што државата пропуштила да ја исполни позитивната обврска да ја заштити и да ѝ овозможи да ја информира јавноста за настаните во Собранието. Оваа околност, според Судот, била пропуштена да се утврди и соодветно да се оцени со пресудите наведени во диспозитивот на Одлуката.
Врз основа на тоа, Уставниот суд оцени дека во наведените вонредни и насилни околности државата пропуштила да го заштити, а со тоа го повредила правото на слободно изразување на мислата, гарантирано со член 110 алинеја 3 и член 16 од Уставот, како и член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права.
С. К. ДЕЛЕВСКА



