ЗАВРШЕНА Е ПОДЗЕМНАТА УЛИЦА ПОД ЗГРАДИТЕ И ТРГОВСКИОТ ЦЕНТАР „ДАЈМОНД“ ВО СКОПЈЕ, ИСКОПОТ Е 14 МЕТРИ ПОД ЗЕМЈА, ВЕЛАТ ОД „ЛИМАК“

    ЗАВРШЕНА Е ПОДЗЕМНАТА УЛИЦА ПОД ЗГРАДИТЕ И ТРГОВСКИОТ ЦЕНТАР „ДАЈМОНД“ ВО СКОПЈЕ, ИСКОПОТ Е 14 МЕТРИ ПОД ЗЕМЈА, ВЕЛАТ ОД „ЛИМАК“Турската фирма го доби земјиштето на Јужен булевар за изградба на згради и трговски центар, а за возврат, според договорот со Град Скопје, требаше да ја изведе подземната сообраќајница. (Фото:К. Попов)

    Завршена е изградбата на подземната улица под зградите и трговскиот центар (ТЦ) „Дајмонд“ во Скопје, која ја градеше компанијата „Лимак“. Турската фирма го доби земјиштето на Јужен булевар за изградба на згради и трговски центар, а за возврат, според договорот со Град Скопје, требаше да ја изведе подземната сообраќајница.

    Од „Лимак“ за САКАМДАКАЖАМ.МК велат обврските од нивна страна се завршени и сега се во координација со Град Скопје, кој треба да ги изведе влезовите и приклучоците.

    „Физичката конструкција на подземната сообраќајница, која се протега под мултифункционалниот комплекс ‘Дајмонд‘ е веќе завршена. За нејзината изградба беше направен ископ со длабочина од 14 метри, по што беа изградени високи потпорни ѕидови. Следната фаза од проектот опфаќа изградба на двата пристапни влеза кон подземната сообраќајница со цел таа да биде ставена во функција. Град Скопје веќе го започна процесот кој ќе овозможи изградба на влезот од страната на населбата Кисела Вода“, велат од „Лимак“.

    Подземната улица е долга 746 метри и широка 37 метри, ќе има по две сообраќајни и помошни ленти во двата правци и две трамвајски линии во средината.

    Град Скопје наскоро треба да почне со градежни работи за изведба на втората фаза од булевар Македонија, односно за влез во подземната сообраќајница. Оваа фаза опфаќа изградба на два кружни текови, кај булевар Кочо Рацин и на улицата Железничка. Тендерот за втората фаза е завршен и потпишан е договор во висина од 12 милиони евра, што значи дека градежните работи треба да стартуваат летово.

    Станари од зградата на улица „Антон Панов 1“ стравуваат дека нивната зграда може да се урне кога ќе почнат градежните работи за изградба на влезот во подземната сообраќајница. Ископот треба да се изведува непосредно до темелите на зградата што, според нив, отвора сериозни прашања за безбедноста на жителите. Во комплексот живеат околу 800 граѓани кои велат дека побарале информации за проектот од Град Скопје, но досега не им е одговорено и најавуваат дека ако и понатаму бидат игнорирани, ќе организираат протести.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира