800 СТАНАРИ НА УЛИЦАТА „АНТОН ПОПОВ 1“ СТРАВУВААТ ДЕКА ЗГРАДАТА ЌЕ ИМ СЕ УРНЕ ПОРАДИ ИСКОПОТ КОЈ ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ГО ПРАВИ ЗА ВЛЕЗ ВО ПОДЗЕМНАТА СООБРАЌАЈНИЦА

    800 СТАНАРИ НА УЛИЦАТА „АНТОН ПОПОВ 1“ СТРАВУВААТ ДЕКА ЗГРАДАТА ЌЕ ИМ СЕ УРНЕ ПОРАДИ ИСКОПОТ КОЈ ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ГО ПРАВИ ЗА ВЛЕЗ ВО ПОДЗЕМНАТА СООБРАЌАЈНИЦАВтората фаза за влез во подземната сообраќајница опфаќа изградба на два кружни текови, кај булевар Кочо Рацин и на улица Железничка. (Фото: К. Попов)

    Станарите и сопствениците на деловни простори од станбениот комплекс на улица Антон Попов 1, стравуваат дека нивната зграда може да се урне поради градежните работи за изградба на влезот во подземната сообраќајница под „Лимак“ во центарот на Скопје. Ископот треба да се изведува непосредно до темелите на зградата што, според нив, отвора сериозни прашања за безбедноста на жителите.

    Град Скопје наскоро треба да почне со градежни работи за изведба на втората фаза од булевар Македонија односно за влез во подземната сообраќајница. Оваа фаза опфаќа изградба на два кружни текови, кај булевар Кочо Рацин и на улица Железничка. Тендерот за втората фаза е завршен и потпишан е договор во висина од 12 милиони евра, што значи дека градежните работи треба да старуваат летово.

    Станарите велат дека побарале информации за проектот од Град Скопје, но досега не им е одговорено и најавуваат дека ако и понатаму бидат игнорирани, ќе организираат протести.

    „Во комплексот живеат околу 800 жители во 200 станови, а има и 20 деловни субјекти. Според станарите, најголемата загриженост се појавила откако ги виделе промотивното видео и скиците за проектот, од кои, како што велат, станало јасно дека влезот во подземната сообраќајница ќе се гради непосредно пред влезовите на зградата. Според сегашното решение нема да биде обезбеден соодветен пристап за возила, вклучително и за Брзата помош и Пожарна. Дополнително, изразуваме сомнежи околу влијанието на ископот врз статиката на објектот, имајќи предвид дека, ќе се копа во непосредна близина на темелите на зградата“, велат станарите во писмото испратено до Град Скопје.

    „Не сме против развојот на градската инфраструктура, но бараме процесот да биде транспарентен и да се почитуваат правата и безбедноста на граѓаните кои ќе ги трпат непосредните последици од изградбата“, велат станарите.

    Од Град Скопје велат дека за време на изведување на градежните активности жителите на улица Антон Попов 1, нема да бидат оставени без пристап до нивниот објект и дека се прават  напори за алтернативен пристап од страна на булевар Македонија.

    „Сообраќајницата согласно проектната документација се подига на ниво на постоечкиот паркинг, односно нема да има големи ископи при изведување на градежните работи. Напоменуваме дека проектната документација е правена по сите стандарди и прописи, согласно законската регулатива и врз основа на тоа се преземени сите заштитни мерки за одвивање на безбедна градба. Исто така при изведбата на градежните работи, согласно законската регулатива ќе биде обезбеден постојан стручен надзор со соодветни лиценци за овој тип на проект“, велат од Град Скопје.

    Договорот за Јужен булевар под земја со турскиот инвеститор „Лимак“ беше потпишан во 12 март 2012 од тогашниот градоначалникот Коце Трајановски, и на тогашната прес-конференција беше најавено дека ќе се почне со градба за една година при што прво инвеститорот треба да ја изгради улицата, а потоа објектите над неа. Но, повеќе од 6 години на терен ништо не се работеше, ниту пак од Град Скопје кажуваа зошто проектот не се реализира.

    По доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов во 2017, од „Лимак“ рекоа дека ги надминале проблемите со добивањето на потребните дозволи и во септември 2018 почнаа градежните работи. Во кампањата за локалните избори 2021 Шилегов ги промовираше проектите за кружните текови и тогаш рече дека по завршување на изборите ќе почнат постапките за нивна изградба.

    Со доаѓањето на функција на Данела Арсовска во 2021, не беше ништо направено за овој проект. Од „Лимак“ пред две години за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека градежните работи на подземната улица се при крај, но нема никакви активност во делот кој треба да го изведе Град Скопје.

    Актуелниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски ја продолжи реализацијата на овој проект и веќе е завршена првата фаза.. Ѓорѓиевски најавува дека во неговиот мандат овој капитален проект за Скопје ќе биде завршен.

    Подземната улица ќе биде долга 746 метри и широка 37 метри, ќе има по две сообраќајни и помошни ленти во двата правци и две трамвајски линии во средината.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира