Мароко уапси група луѓе осомничени дека поттикнувале нови обиди за нелегално преминување во шпанските енклави Сеута и Мелиља, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи, наведувајќи дека на социјалните мрежи кружеле повици за масовно преминување на 15 август. Министерството соопшти дека во изминатите денови следело анонимни објави и пораки во кои се повикувало на колективни обиди за нелегално влегување во двете енклави. Според министерството, целта на повиците била да се искористи миграциското прашање за поттикнување дејствија кои се казниви според мароканскиот закон.
Властите ги презеле сите неопходни мерки за да спречат нелегални преминувања и да ги пресретнат лицата кои се обидуваат да учествуваат во нив, соопшти министерството. Додаде дека ќе бидат преземени и правни мерки против оние кои преку интернет ги промовираат ваквите повици. Министерството не прецизираше колку лица биле уапсени ниту кога се случиле апсењата. Соопшти само дека група луѓе осомничени за поттикнување била приведена и ставена под судска истрага, под надзор на надлежниот јавен обвинител.
Министерството ги повика граѓаните да не ги следат, како што ги нарече, „сомнителните и измамнички повици“, предупредувајќи дека обидите за нелегално преминување на границата може да ги загрозат животите на луѓето. Исто така, нагласи дека борбата против нерегуларната миграција и трговијата со луѓе бара заедничка одговорност и поголема соработка меѓу засегнатите земји.
Најновото предупредување следува по големиот миграциски бран кон Сеута кон крајот на јули, кога десетици илјади луѓе се обидоа од Мароко да стигнат до шпанската енклава. Проценките за бројот на луѓето кои се обиделе да преминат значително се разликуваа. Претседателот на регионалната влада на Сеута, Хуан Хесус Вивас, во одредени моменти го проценуваше бројот на дури 80.000 луѓе, додека Мароко процени дека околу 40.000 луѓе се обиделе да стигнат до енклавата.



