По повеќе од 24-часовна битка за спас на селото Лознани, кое се наоѓа на границата меѓу општините Могила и Прилеп, ноќеска е локализиран големиот пожар што се закануваше да ги зафати и куќите. Командирот на Битолската противпожарна единица, Христијан Тодоровски, за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека 85 проценти од пожарот е локализиран.
„Спасувавме куќи, според податоците што ги имаме, нема штети по објекти но постоеше голема опасност да бидат зафатени од огнот. Ризично беше и тоа што околу куќите не беше исчистена тревата, што дополнително ја усложнуваше ситуацијата. Гореше сува трева, дуваше ветер и огнот брзо се ширеше“, рече Тодоровски.
Битолската пожарна во гаснењето ја стави целата расположива сила, а се вклучија и тимови за брз одговор од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) со 4 „пинцгауери“.
„Во голема опасност беше селото Лознани, но благодарение на пожарникарите од Битола и локалните жители спречена е голема катастрофа. Постои опасност огнот од задната страна да загрози друго село“, рече директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.
Пожарот во Лознани е само еден од 11 активни на отворено што вчера гореа на територијата на Македонија. Меѓу нив еден од најризичните во атарот на село Богомила во Општина Чашка.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



