СЕ САНИРА ТАВАНОТ ВО НУБ „СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“, АРХИТЕКТОНСКО РЕМЕК-ДЕЛО СТАРО ПОЛА ВЕК, ПРИВРЕМЕНО ЗАТВОРЕН СТАРИОТ ДЕЛ

    СЕ САНИРА ТАВАНОТ ВО НУБ „СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“, АРХИТЕКТОНСКО РЕМЕК-ДЕЛО СТАРО ПОЛА ВЕК, ПРИВРЕМЕНО ЗАТВОРЕН СТАРИОТ ДЕЛСанацијата ќе чини околу 51.000 евра. (Фото: К. Попов)

    Почна санацијата на таваницата на Националната универзитетска библиотека (НУБ) „Свети Климент Охридски“, што е втора фаза од реконструкција на Библиотеката, вели директорот Јовица Никчевски. Поради безбедносни причини (демонтажа и отстранување на стаклени плочи) стариот дел на Библиотеката ќе биде затворен и нема да работи со корисници сѐ до завршување на санацијата.

    Најголемата библиотека во земјава, во која се чува македонското национално богатство, е формирана во 1944, а во 1971 е преселена во оваа зграда во центарот на Скопје која е прогласена за споменик на културата, архитектонско ремек-дело на еден од најзначајните македонски архитекти, Петар Муличковски.

    Никчевски вели дека самиот проект гласи: „Санација на рамната тераса на Националната библиотека“, затоа што тоа некогаш било предвидено да биде рамен кров.

    Директорот вели дека со санацијата ќе се зголеми безбедноста, бидејќи тие стакла биле веќе дотраени, се случувало многу често да паднат. (Фото: К. Попов)

    „И сега е некој начин рамен кров, меѓутоа е обложен со лим, бидејќи не била добра хидроизолацијата, во 1990-тите го обложиле со лим и сега ние само правиме на сето тоа санација. Односно, го вадевме тој лим, тоа беше таа прва фаза што ја завршивме минатата година, а сега започнавме веќе со втората фаза на санација на библиотеката, тоа е отстранување на плафонските стакла или фаза наречена ‘Таваница’ . Отстранување на плафонски стакла и опшивање на бетонски површини, импрегнација на бетон, ќе ставаме таму дрвени облоги од страните каде што е бетонот, ново осветлување“, вели Никчевски за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Со тоа, вели, ќе се зголеми безбедноста, бидејќи тие стакла биле веќе дотраени, многу често се случувало да паднат. Пред година во едната читалница падна такво стакло.

    „За среќа не повреди никого, меѓутоа тоа не можете да предвидите на толкава фреквенција дали ќе повреди никого и кога ќе падне. Сега ги отстрануваме тие, бидејќи во првата фаза на најгорните стакла имаме ставено термоизолациони стакла и немаме потреба веќе од овие два пара стакла одоздолу што доаѓаат“, додава директорот.

    „Денски ќе биде исто како да сте надвор, ќе го има тој тип на светлина што е потребна за библиотека“, вели Никчевски (во средина). (Фото: К. Попов)

    Со санацијата, Библиотеката ќе добие поголема светлина, ќе биде поодржливо, бидејќи претходно за да променат една неонка требало да бараат  фирма којашто треба да работи на скеле од 6 метри и тоа е, вели тој, неодржливо.

    „Сега ќе одиме со нов тип на осветлување од страните, така што нема да имаме никаков проблем. Денски ќе биде исто како да сте надвор, ќе го има тој тип на светлина што е потребна за библиотека. Наm светлината многу ни значи, посебно по читалници, по холови“, рече Никчевски.

    Проектот чини со 3.185.998 денари со ДДВ (околу 51.000 евра).

    За читателите во моментов е затворен стариот дел, односно корисничките читалници и пултот за зајмување, меѓутоа тоа е само во стариот дел. (Фото: К. Попов)

    Во текот на годинава ќе почне третата фаза од проектот на реконструкција на библиотеката, која ги опфаќа  фасадата и дел од мермерните површини кои што се надвор околу библиотеката, како на пример скали напред кај корисничкиот влез што се пропаднати. Скоро ќе се распише тендер и за тоа и Никчевски се надева дека во 2027 ќе биде целосно завршена.

    „Морам да напоменам, бидејќи постојано се крева галама околу кога станува збор за реконструкција на вакви објекти, објектот ќе си остане во целост автентичен. Значи, ништо не се менува на него, посебно однадвор фасадата, само се прави реставрација и репарација. Значи, ништо, апсолутно ништо не менуваме.  Таму каде што фалат такви плочки, ќе бидат заменети со идентични плочки, ќе се прави импрегнација на бетонот, ќе се премачкува со хидроизолација, меѓутоа вака на изглед нема апсолутно ништо да биде нарушено, освен што ќе биде исчистено, испрано и да изгледа поубаво“, рече Никчевски.

    „Морам да напоменам, бидејќи постојано се крева галама околу кога станува збор за реконструкција на вакви објекти, објектот ќе си остане во целост автентичен“, вели директорот Јовица Никчевски. (Фото: К. Попов)

    Превидено е санацијата да трае околу четири месеци, меѓутоа прават напори да завршат побрзо и директорот се надева дека за два месеца  ќе ја завршат оваа постапка.

    За читателите во моментов е затворен стариот дел, односно корисничките читалници и пултот за зајмување, меѓутоа тоа е само во стариот дел.

    „Ние се трансформиравме и нашите вработени влегоа во новиот дел во моментов. Таму ја имаат на располагање читателите мултимедијалната читалница и таму ќе може исто да зајмуваат материјали. Значи, апсолутно работата со корисниците воопшто не е променета, освен локациски на некои 50-тина метра, да кажам, во самата библиотека. Да, и единствено што не можеме да издаваме во тој дел се сериските публикации односно весници и списанија, бидејќи тие се укоричени во малку поголеми физички единици и нивното место е во стариот дел. Во моментов и таму се реновира, се вадат стаклата, така што тие се во моментов само недостапни. Инаку, во однос на монографии, остануваме најнормално да функционираме – корисници, ЦИП-ови, задолжителен примерок – апсолутно никакви промени немаме во однос на тоа“, рече директорот Никчевски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира