Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека има намера да го прогласи Ормускиот Теснец за територија на САД откако ќе заврши војната со Иран, но не даде дополнителни детали за тоа како би го сторил тоа.
„Откако ќе завршиме со поразот на Иран – а тој претрпува тежок пораз – наскоро ќе го прогласам Ормускиот Теснец за територија на САД“, рече Трамп за време на еден настап во сојузната држава Њујорк.
Цените на нафтата нагло пораснаа како последица на војната со Иран, бидејќи Техеран го попречи поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец со закани. Овој воден пат е една од најважните трговски рути за нафта и гас и претставува централна точка на спор меѓу Вашингтон и Техеран.
Иран сè уште нема одлучено дали ќе ги продолжи преговорите со Вашингтон по истекот на 60-дневниот прекин на огнот, изјави министерот за надворешни работи Абас Аракчи, обвинувајќи ги САД за кршење на договорот преку повторно започнување на непријателствата.Аракчи за новинската агенција ИСНА, во изјава објавена рано утрово, рече дека САД го прекршиле меморандумот за разбирање постигнат пред околу два месеца и дека борбите продолжиле. Како резултат на тоа, не постоел прекин на огнот во согласност со договорот што сега би можел да се продолжи, рече тој.
Посредниците Пакистан и Катар остануваат во контакт со Иран, изјави Аракчи, но нагласи дека оваа комуникација не значи оти се во тек активни преговори.
Претставници од Вашингтон и Техеран кон средината на јуни се договорија за рамковен договор, кој требаше да обезбеди период од 60 дена за преговори, да доведе до целосно повторно отворање на Ормускиот Теснец и да го отвори патот за трајно решавање на конфликтот. Сепак, борбите продолжија и за време на примирјето, при што двете страни повремено изведуваа силни напади. По нападите врз бродови во Ормускиот Теснец, кои му се припишуваат на Иран, американската војска исто така ја обнови блокадата на иранските пристаништа во обид да го прекине приливот на приходи од извоз на нафта за Техеран.



