На 20 август во 20 часот во Чифте амам, објект на Националната галерија на Македонија (НГМ) ќе се отвори изложбата „90 години од раѓањето на Јован Петров“, посветена на творештвото македонскиот уметник, конзерватор и реставратор (1936 –2011). Изложбата е веќе поставена и отворена за јавност, а свеченото отворање и промоција на монографијата се на 20 август.
Колекцијата е во сопственост на семејството Петров. Автор на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос, а стручни соработници се Маја Неделкоска-Брзанова, кустос советник, кустосот Владимир Таневски и конзерваторите Емил Петров и Антонио Пирковски.
Петров го завршил средното образование го завршил на Школата за применета уметност во Скопје, каде се обрзовал кај истакнатите македонски уметници и педагози Димитар Пандилов, Љубомир Белогаски, Љубодраг Манковиќ-Пенкин и Димо Тодоровски, кои одиграле значајна улога во неговото професионално формирање. Дипломирал во учебната 1961/1962 година на Академијата за ликовна уметност во Љубљана.
Во 1964 година се запишал на постдипломски студии на Конзерваторскиот оддел при Академијата за ликовна уметност во Љубљана, каде што специјализирал конзервација и реставрација на уметнички дела изведени во различни сликарски техники, како и научно испитување на материјалите и технологијата на нивната изработка. Истата година престојувал во Париз како конзерватор на изложбата „Уметност на тлу Југославије“. Во 1965 година станал член на Друштвото на ликовните уметници на Словенија, по што изложувал во Љубљана, Грац и Милано. Истата година се вработил во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата во Скопје, каде што ја изградил својата богата професионална кариера како конзерватор и реставратор. Во 1976 година престојувал во конзерваторско-реставраторските лаборатории во Источен Берлин и на Академијата за ликовна уметност во Дрезден, каде што се запознал со најсовремените научни методи во областа на заштитата на културното наследство. Следната година бил одликуван со Сребрена плакета за особен придонес во конзервацијата и реставрацијата на културното наследство во Македонија.
Во периодот 1977/1978 година, како стипендист на Министерството за културни и амбиентални добра на Италија, престојувал во Рим, каде што се усовршувал во лабораториите на Централниот институт за реставрација (Istituto Centrale del Restauro), една од водечките светски институции од областа на конзервацијата и реставрацијата.
Во текот на својата кариера работел на конзервацијата и реставрацијата на голем број икони, штафелајни слики и фрескоживописи, меѓу кои и оние во црквата „Св. Пантелејмон“ во Нерези, црквата „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид, како и на бројни други споменици на културата од исклучително значење. Од 1969 година бил член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ). Автор е на бројни стручни трудови посветени на македонскиот фрескоживопис и конзерваторската практика, меѓу кои „Непознат фреско-живопис“ (1971), „Истражувачки работи на живописот во црквата Св. Петка во село Брајчино“ (1975), „Истражувачки и конзерваторски работи во црквата Вознесение – Св. Спас во Штип“ (1975), „Портрет на Драгица – автор Димитар Андонов (конзервација на делото)“ (1977), како и текстот „Стара црква и фреско-живопис во манастирот Св. Јоаким Осоговски“, објавен во весникот „Нова Македонија“.
Во 1980 година „Филмски новости“ од Белград снимиле документарен прилог за неговата конзерваторска работа во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, кој бил прикажуван во југословенските кина. Истата година бил одликуван со Орден на трудот со сребрен венец, што му го доделил претседателот на СФР Југославија за особени заслуги во областа на конзервацијата. Особено важно место во неговото творештво зазема живописувањето на Архиепископскиот соборен храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Паралелно со својата конзерваторска работа, Петров интензивно се занимавал и со сликарство.
„Со своето разновидно творештво и исклучителна конзерваторска дејност оставил траен белег во историјата на македонската уметност. Неговото дело претставува значајна синтеза на сликарската креативност, научноистражувачката работа и заштитата на културното наследство, поради што денес се вбројува меѓу најзначајните македонски уметници и конзерватори од втората половина на 20. и почетокот на 21. век. Дисциплиниран по природа и исполнет со професионално чувство за одговорност кон својата професија, конзерваторот Јован Петров оживеал многу светители во нашите цркви и манастири, а како на врвен специјалист во заводите за заштита му била доверувана и непосредната заштита на платната и цртежите на основоположниците на македонската модерна уметност. Тој успешно реставрирал оштетени и подложни на пропаѓање и многу важни слики (голем дел портрети и пејзажи, денес дел од значителната колекција на Националната галерија) на македонските уметници: Ѓорѓи Зографски, Димитар Андонов Папрадишки, Никола Мартиноски и други значајни сликари во збирката“, вели Чанкуловска-Михајловска.
Изложбата ќе биде отворена до крај на август.



