Младиот Кристијан Лазарев од Скопје го изгуби видот, но не се откажа од велосипедот. Денеска, на првата инклузивна велосипедска тура во Преспа, тој возеше тандем-велосипед стар 26 години, со придружник кој управуваше со велосипедот.
„Од мал пораснав на точак. Видот го изгубив подоцна, кон 15-та година и не возев до кај дваесетата. Потоа дознав дека постојат тандем точаци. Го набавив и во Скопје го возам најмногу со сестра ми. Исто е возењето како на стандарден велосипед само треба да се усогласите со совозачот, во исто време се трга и запира. Со постигнува брзина над 30 километри без проблем“, рече Лазарев.
И овој вид велосипед е дел од адаптивната опрема која на лицата со попреченост им овозможува поголема мобилност, активно да се занимаваат со спорт и да имаат поквалитетен живот. Но, ваквите велосипеди засега не се продаваат во Македонија.
„Има неколку тандем велосипеди во Скопје, купени кој од каде ќе се снајде. Обично од странство ги носат. Има 5-6 ентузијасти за точаци што ги возат. Проблем е и одржувањето зашто делови тешко се наоѓаат“, додава Лазарев.
Лица со и без физичка попреченост на адаптивни и стандардни велосипеди денес се вклучуја во велосипедската тура возејќи крај Преспанското Езеро од Претор до Сливница и назад. Турата беше во рамки на проектот „Преспански аванТУРИ“ во организација на здружението „Икуалити“ во партнерство со „Иднина на традицијата“ од Ресен.

Во Скопје има повеќе патеки за адаптивен велосипедизам, но по локалните и туристичките места, за жал, инфраструктурата не е доволно развиена; – Гере Трипков (лево) и Александар Стојановски (десно). (Фото: СДК.МК)
„Ова е феноманален настан за нас. Јас сум со ограничена можност за движење, па затоа адаптивниот велосипед ми овозможува да го управувам со рацете“, рече Александар Стојановски од „Иднина на традицијата“.
Настаниот ја испромовира Преспа како инклузивна дестинација каде секој може еднакво да учествува во туристичкиот, спортскиот и културниот живот. Покажа дека лицата со попреченост можат да спортуваат, но мора да се работи на подобрување на инфраструктурните услови.
„Во Скопје има повеќе патеки за адаптивен велосипедизам, но по локалните и туристичките места, за жал, инфраструктурата не е доволно развиена. Би сакал да се подобри тоа во скоро време да има повеќе простор за велосипеди, еколошки транспорт, да го намалиме двиежењето со автомобили“, рече Гере Трипков од здружението „Икуалити“.
Од септември лицата со попреченост во Преспа ќе можат да изнајмат адаптивни велосипеди од различни видови.
„Секој велосипед има батерија, мотор, односно погон кој не поддржува при возењето и дозволува уште полесно да уживаме во убавините на околината, а да имаме активен живот. Наемот ќе биде по многу конкуретни цени, 1.500 денари со помала и од 2.000 до 2.500 денари за велосипеди со поголема опрема“, рече Трипков.
Турата е дел од проектот „Магијата на Преспа“ од програмата „ЕУзаПреспа“, поддржана од Делегацијата на Европската Унија, a реализирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
„Денес ја отвораме вратата на Преспа за велосипедски тури пристапи за сите и за лицата со попреченост. Сакаме Преспа да стане дестинација во која ќе уживаат сите и никој нема да биде изоставен“, рече Маријана Милевска проектна менаџерка во УНДП.
Во следните неколку месеци УНДП ќе работи на трасирање земјена велосипедска патека од над 100 километри крај Преспанското Езеро која ќе ги поврзи Коњско со Долно Дупени. Таа ќе содржи и делница наменета за адаптивен велосипедизам. Со новата велосипедска патека и адаптивните велосипеди, Преспа треба да стане дестинација во која природата и туристичките содржини ќе бидат достапни за сите, без разлика на физичките можности.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



