Противпожарните авиони летаат и ги имаат сите потребни дозволи да летаат и да гаснат пожари, тврдат од Дирекцијата за заштита и спасување. Од Дирекцијата велат дека се прават проценки дали да се вклучат во пожари што во моментот беснеат низ Македонија.
“Ер-тракторите се спремни за употреба. Сабалје летаа. Ги имаат сите потребни дозволи, за летање, за гаснење пожар, осигурани се и друго. Има процедура во кои случаи ер-тракторите ќе одат да гаснат пожар“, вели Димче Митевски, раководител на Одделението за техника и материјално-техничко опремување во Дирекцијата за заштита и спасување.
Во моментов низ Македонија има 5 активни пожари, но се под контрола, вели Надица В’чкова, портпарол на Центарот за управување со кризи. На Скопска Црна Гора запалена е шума, активен е пожарот но е под контрола, пожар има и кај селото Љубин, Општина Сарај, кој е локализиран но активен, во штипското село Разловци горат 100 хектари шума но е под контрола, активни се пожарите во селото Ветерско, велешко и селото Белановце, кумановско на границата со Косово, а пожарот во струмичко е изгаснат.
“Екипите на терен прават проценка дали може ер-тракторите да дејствуваат. Дали има ветер, дали пожарот е во меѓуграничен појас, тука се други процедури. Денес веројатно ќе интервенираат каде што има потреба. Пред сè ја имаме предвид безбедноста на пилотите“, вели Митевски.
Митевски вели дека според процедурата, Дирекцијата за зашита и спасување интервенира последна. Прво гаси сопственикот на пасиштето, шумата и други површини. Ако не може сопственикот, се повикуваат општинските противпожарни екипи. Ако и тие не можат да се справат со огнот, градоначалникот бара помош од соседните општини. Ако и тогаш не може да се изгасне пожарот, надлежните бараат интервенција од Дирекцијата за заштита и спасување и ние интервенираме. Митевски вели дека пред да се интервенира се прават проценки, и во зависност од ситуацијата одлучуваат дали ќе летаат ер-тракторите.
САКАМДАКАЖАМ лани на 20 јули објави дека ер- тракторите беа приземјени еден месец оти дозволите за летање на пилотите им биле истечени, а исто така доцнеше и осигурувањето на авионите. Митевски вели дека сега сите тие проблеми се решени.