ТЕТОВО ИМА ПЕТ, А КАРПОШ ДВЕ ПАТРОНАЖНИ СЕСТРИ НА ИСТ БРОЈ ЖИТЕЛИ, ДРЖАВАТА МОРА ДА ВЛОЖУВА ЗА КОРИСНИЦИТЕ ДА НЕ СТАНАТ ПАЦИЕНТИ, ВЕЛИ ГОРДАНА БЕШЛИОВСКА ОД ЗДРУЖЕНИЕТО „ЗА НАС“

    ТЕТОВО ИМА ПЕТ, А КАРПОШ ДВЕ ПАТРОНАЖНИ СЕСТРИ НА ИСТ БРОЈ ЖИТЕЛИ, ДРЖАВАТА МОРА ДА ВЛОЖУВА ЗА КОРИСНИЦИТЕ ДА НЕ СТАНАТ ПАЦИЕНТИ, ВЕЛИ ГОРДАНА БЕШЛИОВСКА ОД ЗДРУЖЕНИЕТО „ЗА НАС“Потребен е цел систем: доволен број сестри, стабилни работни места, соодветно образование, опрема и транспорт, јасен опис на работните задачи, лиценцирање, автономни компетенции и законска одговорност, вели Бешлиовска. (Фото: Здружение „За нас“)

    Општина Тетово со над 60.000 жители има пет патронажни сестри, а скопската Општина Карпош, исто со над 60. 000 жители, има две патронажни сестри. Недостиг на кадар, стареење на патронажната служба, долготрајни договори на дело и нејасно дефинирани професионални компетенции се дел од проблемите со кои со години се соочуваат патронажните сестри.

    Претседателката на Здружението на медицински сестри, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“, Гордана Бешлиовска, апелира дека без законско уредување на сестринската професија, лиценцирање и јасно утврдени компетенции, здравствениот систем губи важен ресурс во превенцијата и раното откривање на заболувањата.

    „Патронажната сестра е една од најдиректните врски меѓу домот и здравствениот систем. Нејзината работа не се сведува само на посета на новороденчиња и родилки, туку опфаќа широк спектар превентивни и здравствено-едукативни активности, од следење на растот и развојот на децата, поддршка на доењето и советување на родителите, до работа со хронично болни, стари и изнемоштени лица, проценка на ризици и упатување кон лекар кога е потребно. Токму затоа патронажната служба треба да биде еден од столбовите на превентивната здравствена заштита. Нивната улога е особено важна, бидејќи делуваат пред здравствениот проблем да стане сериозен, преку превенција, здравствено советување, рано препознавање на симптоми и навремено упатување кон здравствените служби“, вели Бешлиовска за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Бешлиовска потенцира дека постојат стандарди според кои една патронажна сестра треба да покрива од 3.000 до 5.000 жители во урбана средина, односно од 2.000 до 4.000 жители во рурална средина.

    Но, според податоците со кои располага Здружението, реалноста во делови од земјата е далеку од овие стандарди. Според последните податоци со кои располагаат, покриеноста на патронажната служба е околу 64 отсто, додека нивните податоци укажуваат на значителен недостиг на кадар.

    Според неа, во Тетово во 2019  имало 31 патронажна сестра, додека денес, според податоците со кои располага Здружението, бројката е падната на само пет. Тие, како што вели, треба да опслужат околу 64.000 жители на градот, а Здравствениот дом Тетово покрива и повеќе општини во регионот.

    Како друг пример ја наведува Општина Карпош каде што, според податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) од 2025, имало само две патронажни сестри. Во Битола, пак, во последните извештаи се наведуваат шест патронажни медицински сестри, додека дополнително 17 биле ангажирани преку програма на Министерството за здравство.

    Таа предупредува дека ваквата состојба директно влијае врз бројот на реализирани посети и врз достапноста на превентивната здравствена заштита.

    „Овде не е важно да зборуваме само за тоа колку на патронажните сестри им е тешко да го постигнат тоа што им е дадено во задача. Многу е важно колку пациентите, корисниците, всушност овде имаме голема бројка корисници, можат да бидат опфатени со нивната промоција и превенција“, вели таа. Целта на патронажната служба, додава, е токму корисниците да не станат пациенти.

    Бешлиовска вели дека според анализите на терен, вклучително и податоци што ги посочува УНИЦЕФ, значителен дел од патронажните сестри се на возраст меѓу 50 и 60 години.

    „Не само што сме во недостаток, туку веќе имаме сериозна старосна граница на патронажната служба, каде што нормално треба и да се обновува“, вели таа.

    Истовремено, според неа, кај младите медицински сестри нема доволен интерес за работа во патронажната служба. Како една од причините го посочува и долготрајниот статус на дел од сестрите како ангажирани преку договор на дело што ја прави професијата помалку привлечна.

    Бешлиовска апелира на континуирано образование, специјализации, магистерски и докторски студии, но и на поголемо учество на медицинските сестри во образовниот процес на идните генерации сестри. (Фото: К. Попов)

    „Верувајте, немаме интерес кај младите сестри да одат во патронажните служби. Има уште еден момент којшто мора да го истакнеме, а тоа е дека овој предмет во образовниот процес во средното медицинско училиште како патронажа не се изучува. Нормално, превенциите и превентивите се си застапени во сите образовни програми, меѓутоа како предмет патронажа не е застапен. Се изучува на високите медицински школи и сега се надеваме на Факултетот за медицински сестри. ​Меѓутоа, патронажните сестри во сопствената работа, во колективните договори според систематизациите каде што се прерапределени, работат со средна стручна спрема. ​Има инцидентни случаи каде што им ги признаваат високите образованија, што е во сосема во ред, меѓутоа голем број од нив се со средна стручна спрема. И тоа е малку, нели, парадоксално и во моментот дестимулативно, и долготрајниот статус со договор на дело во патронажната служба исто така во овој момент значи ја прави, ајде така да кажам, не толку многу популарна за младите медицински сестри.
    ​Дополнително условите во коишто тие работат, односно немањето на условите, бидејќи ако одите во една Словенија, од 17.000 медицински сестри, 7.000 работат во превенција и промоција и затоа не лекуваат. Меѓутоа ќе ги видите со сопствени возила, ќе ги видите со опрема, ќе ги видите со сите овозможени услови како стигаат и пристигаат во домовите на пациентите . ​Нашите патронажни сестри одат пешки, одат со автобус, одат со велосипеди, се снаоѓаат секако како што можат и знаат“, вели Бешлиовска.

    Токму тука, според Бешлиовска, се отвора и поширокото прашање за законското регулирање на сестринската професија.

    Патронажните сестри на терен носат голема одговорност но, како што вели, немаат доволно јасна законска рамка што прецизно определува што смеат самостојно да направат, а за што мора да имаат одобрение од лекар.

    „Тие носат одговорност и мора да имаат законски регулирана компетентност во домот за да знаат што смеат да направат, а што не смеат да направат“, вели Бешлиовска.

    Како пример го наведува давањето терапија во домашни услови. Според неа, патронажните сестри посетуваат хронично болни и изнемоштени лица кои примаат терапија во домовите, но во одредени ситуации не можат самостојно да ја применат терапијата затоа што нема јасно дефинирана законска процедура и овластување што би ја покрило нивната одговорност.

    „Не постои законска рамка врз основа на која таа е овластена тоа да го направи. Ако се случи било што, одговорноста не може да ја понесе затоа што нема лиценца“, вели Бешлиовска.

    Од Здружението сметаат дека решението треба да биде системско, преку закон за сестринската професија, лиценцирање, утврдување на компетенциите и јасна професионална одговорност.

    Бешлиовска рече дека медицинските сестри во Македонија сè уште немаат систем на лиценцирање каков што, според неа, е потребен за професијата.

    „Да го добиеме ние законот врз основа на кој ќе ги добиеме автономните компетенции, каде што со нашата лиценца ќе го браниме тоа што го работиме на терен и ќе бидеме задолжени“, вели таа.

    Здружението „За нас“ бара и формирање комора која би се грижела за лиценците, едукацијата и регулацијата на професијата, како и поголема застапеност на медицинските сестри при креирањето на здравствените политики.

    „Секогаш треба да бидеме во комисиите каде што се носат одлуките. Треба да добиеме место во Министерството за здравство. Треба да имаме наша сестра до министерот како советник и да го води сестринството“, вели Бешлиовска.

    Според неа, соодветната регулатива би значела и поголема одговорност. Медицинските сестри би знаеле за кои работни места и компетенции конкурираат, би имале јасно дефинирани професионални граници и би можеле да одговараат за своето работење.

    Според неа, идната патронажна сестра треба да биде високообразована и оспособена за самостојна работа на терен,  да може да даде тријажа, да советува, да препознава ризици и да реагира во ситуации кога нема непосредно достапен лекар. Таквиот модел не би значел замена на лекарите, туку подобра распределба на задачите и поголема достапност на здравствената заштита.

    „На тој начин ќе му помогнеме на целокупниот здравствен систем да не лекуваме толку многу“, вели Бешлиовска, алудирајќи на потребата поголем дел од проблемите да се спречат пред да доведат до заболување или хоспитализација.

    Таа повикува на континуирано образование, специјализации, магистерски и докторски студии, но и на поголемо учество на медицинските сестри во образовниот процес на идните генерации сестри.

    Од Здружението посочуваат и на потребата образовниот систем да биде усогласен со европските барања, вклучително и соодветен обем на теоретска и клиничка настава и стекнување квалификации што ќе овозможат самостојно и одговорно професионално работење. Бешлиовска смета дека вложувањето во патронажната служба не треба да се гледа само како зголемување на бројот на вработени. Тоа, според неа, е инвестиција во превенцијата, имунизацијата, здравственото образование и навременото откривање на ризиците.

    „Там каде што превенирате, таму каде што имате превенција и промоција, пациентите се за нас нешто коешто е најважно. Термините компетентност, лиценца, одговорност и не се тоа само фрази, не се тоа само административно напишани зборчиња коишто се важни. Тие имаат содржина, а содржината е квалитетот, а содржината е внатре вашата одговорност. А сепак, мислам има ли нешто поодговорно од работата со здравјето? Довербата којашто ја стекнувате кај пациентите е најважна. Ние сме на прагот на комплетно изгубена доверба на нашите пациенти во здравствениот систем. Медицинските сестри се првата линија тријажа каде што првото соопштување за информацијата за болеста пациентите го добиваат од сестрите. Првите трауми, првите состојби и ситуации со коишто се соочуваат, медицинските сестри се професионални мајки. Знаете, ако не си ја разберете така професијата, не сте успеале“, вели Бешлиовска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира