ВО ИЗБОРНАТА 2025 ГОДИНА OПШТИНИТЕ ДАЛЕ 4 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА СУБВЕНЦИИ И ПОМОШ НА ГРАЃАНИТЕ, МИЛИОН ЕВРА ПОВЕЌЕ ОД 2024

    ВО ИЗБОРНАТА 2025 ГОДИНА OПШТИНИТЕ ДАЛЕ 4 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА СУБВЕНЦИИ И ПОМОШ НА ГРАЃАНИТЕ, МИЛИОН ЕВРА ПОВЕЌЕ ОД 2024Реалната сума е сигурно и поголема, имајќи предвид дека Град Скопје и Општините Чаир и Сарај не одговориле на барањата и не ги доставиле бараните податоци;- Од доделувањето на ваучерите за инвертери од Министерство за енергетика во 2024. (Фото: СДК.МК)

    Четири милиони евра потрошиле 63 Општини во 2025 за разна финансиска помош и дотации за жителите. Ова е за речиси еден милион евра повеќе отколку во претходната 2024 година, покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации.

    Реалната сума е сигурно и поголема, имајќи предвид дека Град Скопје и Општините Чаир и Сарај не одговориле на барањата и не ги доставиле бараните податоци, ниту по решение на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер со кое им се наложува да одговорат на барањата.

    Со помошта се опфатени вкупно 58.290 граѓани, и во споредба со претходната година, бројката е зголемена за речиси 13 илјади луѓе. Пари се доделувани за вкупно 92 различни основи – од прво дете, првоодделенци, средношколци, млади, матуранти,до лица во социјален ризик и пензионери. Исто така, доделувани се и училиштен прибор, ранци и дрва, а парична поддршка е давана и за купување велосипеди, тротинети, дигитални уреди, пелети и печки за пелети, клима уреди. Субвенционирани се и сметки за комуналии, за полагање возачки, за превоз и за паркинг. Пари се давани за стапување во брак, за санација на покриви, за прозорци, за лифтови, за стипендии, а наградувани се првенци на генерација, најдобар наставник, полицаец, земјоделец, пожарникар и доктор.

    Три скопски општини доделуваат помош по најмногу основи. Општина Центар доделува помош по 16 основи, односно категории. Следни се Кисела Вода и Гази Баба кои доделуваат помош по 12 основи. Сите други општини доделуваат помош по помалку основи.

    Општините Арачиново, Боговиње, Брвеница, Бутел, Врапчиште, Дебар, Долнени, Желино, Јегуновце, Ново Село, Студеничани, Теарце, Тетово, Чашка, Чучер Сандево и Шуто Оризари одговориле дека немаат доделено вакви средства во 2025 и 2024 година. Сарај, Чаир и Град Скопје воопшто не одговорија на барањето за информации за доделените средства.

    Основа за која најмногу Општини доделуваат парична помош е за секое новородено дете – за што пари даваат дури 50 општини, а 38 општини даваат пари и друга помош за првачиња. Највисок износ за првоодделенци, 8.000 денари, дава Општина Могила. За новороденчиња, најмногу пари, 30.000 денари дава Општина Старо Нагоричане.

    Од другите основи, најмногу пари се доделувани за поправка на фасади и за замена на лифтови, над 200.000 денари.

    Највисок поединечен износ што исплатила една Општина е Конче, која дава по 100.000 денари на секое лице над 35 години кое стапило во брак.

    Најмногу пари за вакви дотации лани исплатила Општина Аеродром, дури 552.387 евра. Следна е скопската општина Центар со 507.481 евро. По нив следат Кисела Вода со 461.989 евра и Гази Баба со 415.172 евра.

    Освен Аеродром која и претходната 2024 година исплатила приближно ист износ на граѓаните, другите пет општини, сите ја зголемиле помошта за граѓаните во изборната 2025 година. Ова особено се однесува за Центар и Кисела Вода каде има позначително зголемување на вкупниот износ.

    Скопската Општина Гази Баба води според вкупниот број граѓани на кои им е исплатена некаква помош, 10.630, а речиси ист број граѓани, 10.511 се опфатени со помошта од Општина Кисела Вода. Двете општини лани давале помош и за пензионери, и тоа ист износ, по 2.500 денари. Гази Баба исплатила 2.662 пензионери, а Кисела Вода 3.005. Други градоначалници, пак, ветувале ваква помош, ако победат на изборите. И Општина Центар давала помош за пензионерите, а во 2025 година вовела и училишни униформи кои ги поделила на 4.900 ученици.

    „Речиси да нема општини кои исплатуваат помош за исти основи, освен можеби помошта за првачиња и новороденчиња. Исто така, нема никаква воедначеност ни меѓу сумите што ги исплатуваат општините за иста основа. Пример, за новороденче се исплатуваат од 3.000 до 30.000 денари, а за прваче сумите се движат од 2.000 до 8.000 денари. И за првородено дете сумите се различни и тоа од 6.000 до 30.000 денари. Во категоријата „најдобар“ износите се движат од 5.000 за најдобар ученик до 30.000 за најдобар земјоделец. Она што останува нејасно е дали општините имаат ингеренции за вакви дотации и помоши, особено што од општина до општина се применуваат различни правила, процедури, постапки, износи и категории. општините, во своите правилници и и одлуки за доделување на разните помоши, се повикуваат на различен член од Законот за локалната самоуправа. Сепак, најчесто е повикувањето на членот 36, став 1 каде што се наведени надлежностите на Светот на Општината и точката 15 – Врши и други работи утврдени со закон“, се вели во истражувањето.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира